Детектор: Средна оценка 2.5 за владеењето на правото во Македонија
Секој трет граѓанин се соочил со повреда на неговите права но само третина од нив добиле решение за својот проблем пред институцијата до која се обратиле. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење посветено на владеењето на правото кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС).
36 проценти од граѓаните велат дека во последниве 5 години тие или некој близок имале одреден проблем, несогласување или сметале дека имало некоја повреда на нивните граѓански права од економски, социјален, правен или друг аспект. Од нив 75 проценти се обиделе да го решат проблемот пред институциите а останатите не преземале никакви чекори за решавање на состојбата. Од оние кои преземале мерки 30 проценти се обратиле до државна институција, 26 проценти до суд, 15 проценти до Народниот правобранител и 14 проценти до полиција. 10 проценти граѓани побарале решение преку медијатор.
Висок е процентот на граѓани кои велат дека проблемот сепак не им бил решен. Таков одговор даваат 66 проценти од испитаниците наспроти 27 проценти кои велат дека дошле до решение.
Во случај на идна повреда на нивните права 60 проценти граѓани велат дека би преземале мерки пред одредена институција додека 23 проценти велат дека не преземале ништо. Висок процент- 41% велат дека не знаат каде да се обратат доколку им бидат повредени правата додека од останатите најголем процент 25 проценти велат дека би се обратиле во полиција.
Во анкетата испитаниците одговараат каква оценка од 1 до 5 даваат за почитувањето на основните принципи на владеењето на правото.
Владата според оваа анкета добива средна оценка 2.75 за отчетност и одговорност пред законите.
Слична оценка 2.72 добива за транспарентност и одговорност при носење на одлуките.
Принципот на постоење на закони кои важат еднакво за сите според испитаниците има оценка 2.47. Слична оценка даваат и за имплементацијата на принципот на компетентност, неутралност и неселективност при носење судски одлуки Анкетата за Детектор ја спроведе ИПИС, телефонски од 24 до 27 декември 2024та година на репрезентативен примерок од 1066 испитаници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа