Чудо на Алјаска: Пилот и две деца преживеаја пад на авион во замрзнато езеро
Пилот и две деца се спасени откако мал авион се урна во замрзнато езеро на Алјаска, соопштија властите по целоноќна потрага.
Пајпер ПА-12 Супер Крузер исчезна во неделата околу 22:30 часот по локално време во областа на езерото Тустумена и планините Кенаи, откако не се врати како што беше планирано.
Околу 12 часа откако авионот бил прогласен за исчезнат, пилот го забележал леталото на замрзнатата површина на езерото, што овозможило спасување на патниците.
„Рано утринава цивилен авион ги пронајде остатоците на источната страна на езерото Тустумена“, се вели во соопштението на државната полиција на Алјаска.
Локалните медиуми објавија фотографија од делумно потопен авион со три лица на крилата. Спасувачите ги бараа во текот на ноќта на температури под нулата, покажуваат локалните метеоролошки податоци.
Мажот и двете деца се пренесени во болница со повреди кои не се опасни по живот, се додава во соопштението.
Дејл Ајчер, еден од неколкуте локални пилоти вклучени во потрагата, рече дека патниците имале неверојатна среќа што преживеале.
„Не очекував да ги најдам, а камоли да ги најдам живи“, изјави тој за локалната телевизија КТУУ.
„Бев вклучен во неколку операции за пребарување и спасување, но тие не секогаш завршуваат вака добро“, додаде тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа