АВМУ: Четири медиуми заработија пријава и осум јавни опомени

 


Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) изминативе три месеци реализирала надзори врз сите телевизиски и радиопрограми на Јавниот радиодифузен сервис и нивното работењето како дел од спроведени активности согласно Годишната програма за работа.

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски посочи дека во овој период изречени се осум јавни опомени за четири радиодифузери – МРТ 3, ТВ Дуе, ТВ Спектра и ТВ Њуз, донесени се три решенија за јавно опоменување на операторот Мултимедија Нетворк Л заради реемитување програмски сервиси кои не се регистрирани во Агенцијата; реемитување на програмски сервис на домашен радиодифузер надвор од сервисната зона за која ја има добиено дозволата за телевизиско емитување и за недоставување до Агенцијата сигнал со иста содржина со онаа што им е достапна на неговите претплатници. 

Трајчевски во презентацијата рече дека е констатирано само едно прекршување кај МРТ3 за обврската за обезбедување информации кои треба да се направат достапни до корисниците.

- Преостануваат да се спроведат уште неколку редовни надзори врз националните телевизии Наша ТВ, 24 Вести, ТВ Сонце, ТВ Клан Мацедонија, ТВ Шења и ТВ Компани 21-М, рече директорот Трајчевски.

Во врска со трагичниот настан кој се случи во Кочани, бил спроведен повеќедневен вонреден програмски надзор врз програмите на радиодифузерите за известувањето за трагедијата, како и за усогласеноста на програмата за време на деновите на жалост.

- Агенцијата до сите уредништва на телевизиите и радијата испрати соопштенија со насоки како да се приспособи програмската понуда за седумдневниот период на жалост. Се разбира, пропусти имаше, но ретко и во ниту еден случај не биле намерни, рече Трајчевски.

Тој напомена дека е спроведен вонреден програмски надзор по претставка за „говор на омраза“ во емисијата Седмица на ТВ АЛФА. При надзорот не е констатирано прекршување

По контролните програмски и административни надзори за сторените прекршувања на ТВ Дуе, ТВ Њуз, и ТВ Стар им биле изречени мерки јавна опомена, додека на ТВ Спектра прекршочна постапка, која е во тек. 

Во надзор врз 19 издавачи на печатени медиуми не се констатирани прекршувања кај ниту еден субјект.

Врз операторите на јавни електронски комуникациски мрежи биле извршени вкупно 23 надзори, од кои 21 редовен и два вонредни.

- На радиодифузерите и на операторите на кои им беше изречена мерка – јавна опомена, им беше наложено да го усогласат своето работење, а по истекот на рокот за законско усогласување, ќе се изврши контролен надзор, потенцира директорот Трајчевски.

Во првиот квартал од работењето на АВМУ успешно била спроведена една постапка за порамнување со ТВ КОМПАНИ 21-М.

Во првите три месеци, биле започнати девет постапки за одземање на дозволата за радио и телевизиско емитување.

- Во меѓувреме, осум радиодифузери го платија во целост годишниот надоместок за дозволата во законски утврдениот рок, по што овие започнати постапки за одземање на дозволите беа запрени од страна на Агенцијата. Единствено ТВ ШУТЕЛ не го плати годишниот надоместок за дозволата, поради што Агенцијата донесе Одлука за одземање на дозволата, рече Трајчевски.

Донесена е една Одлука за доделување дозвола за радио емитување на програмски сервис говорно музичко радио од општ формат на македонски јазик, на локално ниво, на подрачјето на општина Куманово. Донесена е и Одлука за продолжување на важноста на дозвола за телевизиско емитување на Телевизија Ускана Медиа за време од девет години.

Во врска со трагичниот настан во Кочани Советот на Агенцијата на седницата одржана на 19 март донесе Одлука за доделување на финансиска помош – донација во вкупен износ од 1,5 милиони денари.

- Донацијата ќе се спроведе преку Црвениот крст на Република Македонија, на посебна наменска сметка – Фонд за солидарност, рече Трајчевски.

На новинарско прашање за коментар околу забраната за снимање со дронови на протести, директорот Трајчевски напомена дека АВМУ не е надлежна за таа област.

-Ние немаме никаква надлежност. Тие одлуки ги носеше Министерството за внатрешни работи врз основа на нивна процена. Ние не учествуваме во носењето на таквите одлуки, ниту пак имаме законска надлежност, рече Трајчевски во одговорот. 

26.03.2025 - 14:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега