Во Србија под блокада се над 40 факултети
Студентите од четири универзитетски центри во Србија и неделава ја продолжуваат блокадата на факултетите и ректорските управи со поддршка од професорите и ректорските колегиуми, како и со поддршка од граѓанското општество.
Студентите ги повикаа граѓаните да им се придружат на протестите и блокадите.
Бранот студентски протести во Србија беше поттикнат од насилството врз учесниците на комеморативните собири за 15-те жртвите, кои настрадаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Студентите на универзитетите во Белград и во Нови Сад од 2 декември ги блокираат зградите на неколку факултети, откако нивните колеги од белградскиот Факултет за драмски уметности беа нападнати за време на комеморативниот собир. На блокадата се придружија и студентите од универзитетите во Ниш и Крагуевац, блокирајќи ги нивните факултети и ректорати.
Според студентски активисти, најмалку 40 факултети во сите четири универзитетски центри – во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш се во постојана блокада.
На протестот на студентите од Правниот факултет и четири технички факултети во Белград денеска се приклучија и адвокати. Адвокатската комора на Србија денеска прогласи прекин на работата.
Адвокатите протестираат поради незаконскиот начин на донесување и усвојувањето на закони без соодветно учество на адвокатурата, и селективното гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад, но и селективното гонење на учесниците на протестот бидејќи полицијата апси активисти, а ги игнорира провокаторите кои се обидуваат да ги спречат протестите.
Студентите во Србија добија поддршка и од студентите од повеќе факултети во регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа