Владата го соопшти точниот број на загинати во пожарот во Кочани
Владата преку соопштение апелира да не се пласираат дезинформации за бројот на загинати во пожарот во Кочани.
- Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите. Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите, истакнуваат од Владата.
Оттаму посочуваат дека бројките ги утврдуваат официјалните медицински и истражни служби кои работат на терен.
- Владата инсистира на целосна транспарентност и јавноста ќе биде редовно информирана за сите нови детали поврзани со истрагата. Апелираме до медиумите и граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации. Ова не е време за манипулации, туку за заедништво, почит и одговорност, нагласуваат од Владата.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа