(ВИДЕО) Туристички автобус падна во река во Италија - снимен моментот на падот

 


Туристички автобус падна во реката По во италијанскиот град Торино. Во несреќата загинал возачот на автобусот.

Загина возачот на туристички автобус кој во средата попладне паднал во реката По кај Пјаца Виторио во Торино. Во несреќата полесно се повредени и тројца минувачи кои се наоѓале на улицата, а биле пренесени на лекување во болница во Торино.


„Сè се случи за дел од секунда, видов како автобусот се крена наназад и падна во празнина“, раскажал еден од очевидците на драматичната несреќа што се случила околу 17:35 часот.

Возачот на автобусот и сопственик на компанијата „Di Carlo Tours“, Никола Ди Карло (64), ги донел во градот учениците од едно основно училиште од Милано, а во моментот на несреќата, која се случила пред очите на десетици туристи, во автобусот бил само тој, пишува Corriere Torino.


Први во помош пристигнале неколку веслачи кои скокнале во водата и успеале да го извлечат возачот од кабината. И покрај обидите за реанимација, 64-годишникот не успеале да го спасат. Очевидци велат дека веќе бил мртов кога го извлекле на брегот.

„Дечките од веслачкиот клуб многу брзо интервенираа, им дадовме чекан за да ги скршат стаклата на возилото“, изјавил Филипо Камеда, еден од сопствениците на Capodoglia. „Се чини дека веќе беше мртов кога успеаја да го извлечат на брегот.“

По проверка од страна на пожарникарите, кои околу 21 часот го извлекле автобусот, било утврдено дека во возилото немало никој освен возачот. Во несреќата била вклучена и шестчлена фамилија, меѓу кои и едно мало дете. Повредени се три жени кои биле пренесени во болница.

„Не удри додека возеше наназад. Потоа го допре ѕидот и падна во реката. Ние одевме пеш, автобусот ги удри мојата тетка и братучетка“, раскажал внукот на една од повредените жени.

„Последиците можеа да бидат и посериозни. Во овој момент, мислите на Градот се со семејството на жртвата“, изјави градоначалникот Стефано Ло Русо, кој го посети местото на несреќата заедно со советникот Марко Порчедо и Роберто Манџарди, командантот на локалната полиција.

Истрагата на правосудните органи и локалната полиција треба да ги разјасни деталите за несреќата. Обдукцијата на телото на Никола Ди Карло треба да покаже дали починал пред или по падот во реката По. Неколку аматерски видеа го прикажуваат моментот кога автобусот почнува да се лизга, а во кабината се гледа силуетата на човек кој се обидува да стане од возачкото седиште. Една од хипотезите е дека му се слошило и дека веќе не можел да го контролира автобусот, но тоа ќе го утврди истрагата.

27.03.2025 - 12:07

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега