(ВИДЕО) Тошковски: Заврши времето на „како досега“
Во текот на изминатава година, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации и заедно постигнавме значајни успеси. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе нарушување на достоинството на никого, на ниеден граѓанин. Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и модернизација на услугите и процесите со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во новогодишната честитка.
Заврши времето на „како досега“, кога неправдата и криминалот остануваа неказнети и ве уверувам дека никој во иднина нема да го краде македонскиот народ без притоа да одговара пред истиот. Верувам дека делата и бројките што ги остваривме сами говорат за нашата одлучност во борбата со криминалот и корупцијата кои го разоруваат општеството и ја нарушуваат благосостојбата на граѓаните. Нашата порака е јасна. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе биде изведен пред лицето на правдата, а секој еден украден денар ќе биде вратен во буџетот на граѓаните.
Во новата 2025 година, на прагот на новите надежи и новите цели, искрено посакувам сите заедно посветено да работиме на обезбедување на мир, стабилност и просперитет. Да изградиме систем кој ќе гарантира поголема сигурност, правичност и транспарентност за секој граѓанин да се чувствува вреден и заштитен. И можеби најважно од се, да почнеме да ги почитуваме и имплементираме цивилизациските вредности кон кои се стремиме, додаде министерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа