Судењето за убиството на Денис Тот продолжува на 3 октомври
Судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје продолжува на 3 октомври, откако денеска во Основниот Кривичен суд – Скопје продолжи изведувањето на доказите на обвинението со сведочење на вештите лица Александар Станков и Рената Јанкова од Судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.
Вештите лица на денешното рочиште беа согласни дека повредите кои ги задобил сега покојниот се класифицирани како тешка телесна повреда со опасност по живот и истите се поврзани со смртниот исход на оштетениот.
– Како причина за смрт наведено е дека смрта настанала заради нагмечување на големиот мозок и нагмечување на рбетниот мозок, меѓутоа, како критична повреда од настапување на смрт врз основа на целокупната клиничка слика кај сега починатиот е повредата на почетен дел од рбетниот мозок, појасни вештото лице Александар Станков.
Вештото лице Рената Јанкова кажа дека некои повреди може да се квалификуваат изолирано, па потоа да се зборува за севкупно дејство на повредите.
– Меѓутоа, ако ги разгледуваме поеиднечно, на пример една од повредите, да ја земеме повредата која што довела до неконкретна скршеница на носната коска, може да биде телесна повреда, меѓутоа, ако истата таа повреда довела до потрес на мозокот во тешка форма, тогаш е тешка телесна повреда, рече таа.
Тие беа вкрстено испрашани и од одбраната на обвинетите во однос на подробни прашања во врска со наводите од извештаите за вештачење и обдукција, а обвинетиот Анџело праша дали е утврдено од кој тапотврд удар е доведено до ротација на главата и повреда на рбетниот мозок.
– Не можеме да го конкретизираме. Ние можеме да знаеме само тоа што ќе го видиме и да ги знаеме механизмите, тоа е во доменот на нашата струка, одговори вештото лице Јанкова, дополнувајќи дека ако можело да се утврди, вештите лица би се произнеле по тоа.
Одбраната во своите воведни зборови кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.
Обвинителството, пак, на првото рочиште истакна дека располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа