Судење за убиството на Вања и Панче: Гоце Трајковски нема да сведочи

 

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, но на денешното рочиште нема да се врши распит на сведокот Гоце Трајковски кој на 23 јануари 2025 сам се пријави во полициска станица.

Обвинителството ќе продолжи да ги изведува снимките како доказ.

На минатото рочиште беа изведувани видео записи од безбедносни камери. Обвинителство презентираше видео записи од системот Сејф сити, за кои рече дека се обезбедени со пребарување по регистарски таблички на возилата Цитроен и Рено Кангу за нивното движење низ Скопје на критичниот ден на 27 ноември 2023 година и неколку дена пред да биде грабнато девејчето. 

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. 

Првообвинетиот Палевски Палчо, на минатото рочиште најави дека ќе бара изземање на обвинителството. 

- Барам да си ја уреди листата на докази оваа супер обвинителска екипа што ме обвинува. Сакам да најавам дека на следното рочиште ќе барам изземање на целото обвинителство, за што ќе приложам докази, изјави Палевски.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

27.01.2025 - 10:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега