Ристески: Листата на криминалци од претходната влада ќе се зголеми

 


На вчерашното гостување на Телевизија 24 во емисијата „Анализа“ присуствуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески кој дискутираше за бегството на поранешниот вицепремиер од ДУИ, Артан Груби.

Ристески се осврна на тоа дека сите овие случувања кои ги гледаат граѓаните биле дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и тие се одвиваат и спроведуваат токму така како што било ветено.

„Најважно е она што се случува како Влада, она што Владата го спроведува, едно од клучните ветувања во предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ беше дека правда мора да има и ќе има, дека ќе објавиме војна на криминалот и корупцијата и тоа и се случува во моментот“, рече Ристески.

Ристески објасни како дел од бившите владини функционери биле замешани во нелегални активности, и потенцираше дека не би било зачудувачки доколку листата на бивши функционери од претходната влада кои правеле криминал биде проширена.

„Гледаме дека голем дел од бившите владини функционери и тоа како биле замешани во нелегални активности криминал, корупција и од државниот завод за ревизија можевте да видите голем број на пропусти на незаконско работење така да таму каде и да се чепне ќе има причини за поведување на кривични постапки и нема да да бидам изнендаден доколку и многу други владини функционери, директори, министри од минатата влада бидат изнесени пред лицето на правдата“, објасни Ристески.

Пратеникот посочи дека граѓаните се задоволни од сето тоа што се случува со ловењето на криминалот и корупцијата и дека токму поради вакавото ветување тие добиле доверба од страна на народот.

„Ова што сега се случува граѓаните гледаат и знаат и најновите анкети тоа и го покажуваат, онаа за што добивме доверба како политичка партија на изборите тоа и го спроведуваме“, рече Ристески.

Ристески се обрати до пратеникот од Европскиот фронт, Демири, и повика да се врати Груби и да се соочи со лицето на правдата, исто така нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија го започнала овој процес и дека тој ќе се одвива до крај.

„Вашиот претседател на партијата Зијадин Села се огради и го повика Артан Груби да се врати, да си ја докаже невиноста во Република Македонија, јас очекувам и вие тоа да го направите а не да кажете дека немате доволно информации, ако е невин нема потреба да бега. Ние како политичка партија го отпочнавме овој процес и овој процес ќе го тераме до крај, Артан Груби е на потерница и на црна листа тоа значи кога и да е ќе дојде и ќе одговара за она што го правел во Република Македонија“, дециден е Ристески.

 

27.12.2024 - 09:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега