Познат идентитетот на синот на функционерот на ДУИ кој ја предал акцијата на МВР
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска потврди дека е приведено службено лице поради истекување информации за акцијата против криминалната група „Беланоца-Барон“. Истекувањето на информации ја компромитираше акцијата, која беше насочена кон група осомничени за осум убиства и други кривични дела.
Некои медиуми веќе објавија дека станува збор за синот на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи, Назим Буши од ДУИ, кој е осомничен дека е „кртот“ на криминалната група „Барон-Беланоца“.
Според информации на Телма, Ќерим Буши синоќа бил приведен на распит поради оддавање службена тајна. Тој се сомничи дека пред десетина дена ја пробил акцијата за апсење на припадници на скопското наркоподземје. Се проверува дали тој им дојавил на осомничените дека полицијата доаѓа по нив за да избегаат.
„Лицето за кое прашувате на 28.12.2024 беше приведено, при што во полициска станица беше извршен службен разговор во врска со кривично дело Оддавање службена тајна, одземен му е мобилен телефон, по што по насока на ОЈО лицето е ослободено“ соопштија од МВР.
На 16 декември обвинителството отвори истрага против 18 припадници на скопското подземје, осуммина од нив не беа пронајдени, се претпоставува дека некој им јавил да избегаат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа