Павле Трајанов: Заев и Мицкоски се договорија под притисок
Компромисот помеѓу Заев и Мицковски е резултат на притисокот од јавноста, партиите и сугестиите од стратешките партнери, вели Павле Трајанов, претседател на Демократскиот Сојуз, коалиционен партнер на владеачката СДСМ во интервју за Прес 24.
Трајанов потенцира дека дијалогот меѓу власта и опозицијата ќе продолжи во кој ќе се разговара и за Влада поддржана од сите партии, која треба да направи исчекор околу европските интеграции.
-Моите проценки се или експертска Влада или предвремени парламентарни избори. Инаку сум за тоа да нема толку често избори, за да може Владата да ги спроведе програмските определби. Исто така сум и против трансфери на пратеници, на компромитирачка и коруптивна основа, вели Павле Трајанов во интервјуто за Прес24.
Потенцира дека бојкот на пописот нема да има, а иселениците ќе се евидентираат, а резултатите ќе бидат одраз на реалните состојби.
-До септември, голем број од граѓаните ќе се вакцинираат, партиите ќе водат мотивирачка кампања. Треба да престанат меѓуетничките поделби и правата на етничките колективитети да не зависат од проценти. Пописот еднаш беше прекинат и сега одложен покрај другото и поради етничкиот контекст, потенцира Трајанов.
Демократскиот Сојуз неодамна донесе одлука за замостоен настап на локалните избори, но трајанов вели дека тоа не е напуштање на владината колаиција, туку поради тоа што отворените советнички листи за локалните избори диктираат самостоен настап.
-Дружбата со големите партии е на штета на помалите партии. Инаку Владата има мнозинска поддршка во Парламентот, но дали ќе опстои зависи од политиките што ги води и довербата од граѓаните. Со договорот Заев-Мицковски, фрлено е јаже за спасување, но не на долг период. Граѓаните очекуваат резултати, вели Павле Трајанов, потенцирајќи дека Владата сепак нема бланко поддршка.
-Но сме партија со интегритет и стоиме до дадениот збор. Владата ќе биде поддржувана и критикувана. Се надевам дека од пријателска и конструктивна критика (пријателски оган) нема да падне, вели за Прес 24 претседателот на ДС.
Иако Демократскиот Сојуз е дел од владеачката коалиција, сепак како партија има дијаметрално различни ставову по неколку прашања со владеачката СДСМ, меѓу кои и за прашањето со Бугарија.
-Немаме никаква заедничка историја и корења со Бугарскиот народ. Затоа сме и против предметот историја да се спојува со други предмети. Историјата е посилно оружје и од атомска бомба. Ако ни ги исечат корењата, ќе не снема како народ. Преку изучување на историјата се развива и јакне национална свест. Сме против тоа со тројца сведоци да се стекнува државјанство, во личната карта да се пишува и етничката припадност, како и Бадентер да се користи за блокада при избор на судии, обвинители или пак за да се објават резултатите од пописот и сл,. Тие наши ставови се принципиелни и не се конфронтација со СДСМ, ниту пак приближување со ВМРО-ДПМНЕ, поготово што ние можеби сме чекор пред сите, вели Павле Трајанов, лидер на ДС во интервју за Прес24, посочувајчи дека решение за овој спор лежи во принципиелни ставови, соработка во сите области, реформи и имплементација на европските вредности.
-Бугарија мора да ја прифати историската и актуелната реалност, дека во Македонија со векови наназад живеел и живее Македонски народ и говори Македонски јазик, вели Трајанов.
ПРЕС 24: Претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ изненадувачки на првата средба, тет-а-тет постигнаа договор за условно кажано бајпасирање на политичката криза која беше надвисната. Компромисот е во одлагање на пописот до Септеммври и мало поместрување на локалните избори за втората половина на октомври. Дали ова е вовед во нормализирање на односите, или пак е сепак ад-хок решение?
ТРАЈАНОВ: Компромисот помеѓу Заев и Мицковски е резултат на притисокот од јавноста, партиите и сугестиите од стратешките партнери. Нефункционалноста и блокадата на Парламентот, во голема мера се одразуваат и на вкупните состојби, посебно на економската одржливост во услови на здравствена криза, како и на стабилноста во целина и неможноста да се дејствува ефикасно во справувањето со здравствената криза. Но факт е дека незадоволството кај граѓаните растеше и повиците беа се посилни за дијалог и договор за државните, стратешки и национални интереси. Овој е прв договор и вовед кон градење на соработка за други посложени прашања, како што е предизвикот со Бугарија, реформите во судскиот систем, департизација на државните институции и робусна и неселективна борба против криминалот.
ПРЕС 24: Она што сепак веројатно останува како можен сериозен проблем е бојкотот на пописот. Очигледно е дека добар дел од Македонците ќе го бојкотираат. Тие всушност не веруваат во резултатите, а пандемијата само им е изговор?
ТРАЈАНОВ: Пописот е статистичка операција, која ја спроведува државата, но за да биде успешна потребен е и граѓански и политички консензус. Законот за пописот, треба да се преработи и подобри во насока на тоа јасно да се знае кои се ”државјани на Македонија”, а колку и каде се иселиле. Пописот ќе биде успешен само доколку здравствената состојба се подобри и нема опструкции и повици за бојкот од партиите. Треба доследно да се имплементираат светските стандарди, да се “исфрли” Бадентер од пописот и да се обезбедат контролни механизми. Етничката и религиска припадност само лично да се искажува, тоа е лично чувство и определба.
ПРЕС 24: Но, реално колку овој бојкот би бил штетен, со оглед на тоа дека крајните резултати ќе останат во статистиката, а можеби со бојкот на Македонците нема да бидат рерални?
ТРАЈАНОВ: Бојкот нема да има, иселениците ќе се евидентираат, а резултатите ќе бидат одраз на реалните состојби. До септември, голем број од граѓаните ќе се вакцинираат, партиите ќе водат мотивирачка кампања. Треба да престанат меѓуетничките поделби и правата на етничките колективитети да не зависат од проценти. Пописот еднаш беше прекинат и сега одложен покрај другото и поради етничкиот контекст.
ПРЕС 24: Со договорот Заев-Мицкоски е одблокиран и Парламентот. Сепак вие претходно инициравте измени на Деловникот со кој предлагата амандманска расправа да има до десет дена освен за закони од национален идентитетски и јазичен карактер, како и финансиски обврски. Зошто мислите дека ова е решение за популарниот филибатсеринг?
ТРАЈАНОВ: Доколку има конструктивност, соработка и дијалог, половина од проблемите ќе се надминат. Амандманската расправа, по правила не треба да биде ограничувана, но блокадата преку илјадници амандмани ја наметна потребата од временско ограничување. Преку процесот “Жан Моне” се води дијалог за промени на Деловникот за работа на Парламентот. Нема се да оди мазно, поготово ако повторно се закопаме секој во својот ров. Парламентот е Дом на демократија, тој тоа треба да биде сега и во иднина. Филибастеринг не треба да се користи, освен кога се во прашање идентитетски прашања, јазикот, како и финансиски задолжувања (кредити итн.,).
ПРЕС 24: Многу анализи укажуваат на тоа дека оваа година заедно со локалните може да има и предвремени парламентарни избори. Колку е тоа реално, а колку корисно решение за оваа криза?
ТРАЈАНОВ: Очекувам да се разговара и за Влада поддржана од сите партии, која треба да направи исчекор околу европските интеграции. Моите проценки се или експертска Влада или предвремени парламентарни избори. Инаку сум за тоа да нема толку често избори, за да може Владата да ги спроведе програмските определби. Исто така сум и против трансфери на пратеници, на компромитирачка и коруптивна основа.
ПРЕС 24: Покрај вас, како ДС, одлука за самостоен настап донесе и ЛДП, дали ова може да се толкува како напуштање на бродот на СДСМ?
ТРАЈАНОВ: Одлуката за самостоен настап на Демократскиот сојуз е резултат на барањата на локалните организации на партијата, како и можноста во трката за градоначалници и советници да вклучиме и партиски неопределени. Отворените советнички листи диктираат самостоен настап, дружбата со големите партии е на штета на помалите партии. Инаку Владата има мнозинска поддршка во Парламентот, но дали ќе опстои зависи од политиките што ги води и довербата од граѓаните. Со договорот Заев-Мицковски, фрлено е јаже за спасување, но не на долг период. Граѓаните очекуваат резултати.
ПРЕС 24: Ова Ве прашувам во контекст на перцепцијата дека ако Павле Трајанов и ДС ја напушта коалицијата, тоа би значело дека на таа власт и се ближи крајот?
ТРАЈАНОВ: Коалиции се прават на програмски основи и во принцип пред избори. Демократскиот сојуз е самостојна партија и гради сопствени ставови за секое прашање. Ставовите јавно ги соопштуваме, не правиме калкулации и отстапки на штета на државните и граѓанските интереси. Нема бланко поддршка Владата, но сме партија со интегритет и стоиме до дадениот збор. Владата ќе биде поддржувана и критикувана. Се надевам дека од пријателска и конструктивна критика (пријателски оган) нема да падне.
ПРЕС 24: Како договор од лидерската е да почнат и измените на изборниот законик. Но малите партии веќе поднесоа инијативата за измени за една изборна единица? Влегува ли и ова во овој договор Заев-Мицкоски, или?
ТРАЈАНОВ: На предлог на Демократскиот сојуз и други партии, во собраниска постапка е изборниот законик со кој се предлага Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг и пропорционален модел. Најавена е поддршка и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, како и партии од албанскиот политички блок. Со овие промени, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, ќе се демонтира еднопартискиот систем на владеење и ќе се создадат услови за коренити и системски промени во државата. Во суштина по 30 години плурализам, ќе имаме уставотворно и граѓанско Собрание, подготвено за реформи, работа и резултати.
ПРЕС 24: Зошто мислите дека една изборна единица би им била од корист на малите партии, ако на пример за влез во Парламентот биде поставен цензус?
ТРАЈАНОВ: Ставот на сите помали партии е дека после промените на Изборниот законик, со кој Македонија ќе биде една изборна единица, треба прагот природно да се формира, тоа значи на пример доколку излезат 1,200,000 гласачи, природниот праг ќе биде 10,000 гласачи за едно пратеничко место. Во наредните изборни процеси може да се направат измени во насока на определување на минимален праг од 2%, отворени листи, но и други суштински промени, се со цел сите партии да имаат рамноправна стартна основа за политички натпревар.
ПРЕС 24: Листајќи ги вашите пресконференции и соопштенија пред интервјуто, најдов десетици предлози и идеи за законски измени, а не успеав да видам и најдам што од тоа поминало. Нема слух кај вашиот коалиционен партнер за Вашите идеи, или?
ТРАЈАНОВ: Цврсто стоиме на нашите програмски определби, но кус е периодот за анализи. Сепак работите се движат. Македонија да биде една изборна единица, да се формира Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, да не се доведе во прашање нашиот национален идентитет и јазик, реформи во судството, вклучително и создавање услови за повторно фер судење на монтираните судски процеси, одлагање на пописот итн,. Се определби и проекти за кои имаме поддршка од СДСМ. Пандемијата многу работи и проекти ги измести, но времето пред нас ќе даде одговор на многу прашања, вклучително и како ќе се одвива соработката со партиите во целина и посебно со оние од парламентарното мнозинство. Наш најголем сојузник ни се граѓаните, од каде ја црпиме енергијата и еланот.
ПРЕС 24: Демократскиот сојуз демонстрираше и една поинаква политика од онаа на СДСМ во поглед на македонско-бугарските односи. Тука сте многу поблиску до ВМРО-ДПМНЕ, отколку до СДСМ. Зошто?
ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз цврсто застана зад националните интереси на Македонија. Не прифаќаме разговор со Бугарија за нашиот национален идентитет и јазик. Ние, Македонците сме автентичен народ и зборуваме на автентичен Македонски јазик. Немаме никаква заедничка историја и корења со Бугарскиот народ. Затоа сме и против предметот историја да се спојува со други предмети. Историјата е посилно оружје и од атомска бомба. Ако ни ги исечат корењата, ќе не снема како народ. Преку изучување на историјата се развива и јакне национална свест. Сме против тоа со тројца сведоци да се стекнува државјанство, во личната карта да се пишува и етничката припадност, како и Бадентер да се користи за блокада при избор на судии, обвинители или пак за да се објават резултатите од пописот и сл,. Тие наши ставови се принципиелни и не се конфронтација со СДСМ, ниту пак приближување со ВМРО-ДПМНЕ, поготово што ние можеби сме чекор пред сите.
ПРЕС 24: Кој според Вас би бил најсоодветен начин да се дојде до решение со Бугарија, затоа што еден ден ќе мора да се најде компромис?
ТРАЈАНОВ: Само со принципиелни ставови, соработка во сите области, реформи и имплементација на европските вредности. Транспарентност во разговорите и јасно и јавно соопштување за што нема да разговараме. Посредници не ни се потребни ниту во разговорите уште помалку нивно вклучување во работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Бугарија мора да ја прифати историската и актуелната реалност, дека во Македонија со векови наназад живеел и живее Македонски народ и говори Македонски јазик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа