Убиец егзекутиран со стрелачки вод во САД по 15 години
Бред Сигмон (67) од Јужна Каролина, осуден за убиство на родителите на својата поранешна девојка, вчера беше егзекутиран со стрелачки вод. Ова е прва егзекуција со овој метод во САД во последните 15 години.
Сигмон беше осуден на смрт за бруталното убиство на Дејвид и Гледис Ларк во 2001 година. Тој ги нападнал со бејзбол палка во нивниот дом во округот Гринвил, со намера да ја киднапира нивната ќерка и да ја однесе на романтичен викенд, по што планирал да ја убие и себеси.
Во изјавата по егзекуцијата, надлежните соопштија дека Сигмон бил погоден од тројца затворски службеници, доброволци, кои испукале од пушки кон него. Бил прогласен за мртов во 18:08 часот.
Адвокатите на Сигмон изјавија дека тој го избрал стрелачкиот вод како „помалку суров метод“ во однос на електричниот стол и смртоносната инјекција.
„Тој се плашеше дека електричниот стол ќе го ‘зоврие жив’, а дека инјекцијата ќе предизвика насобирање на течност во белите дробови, што би довело до бавно гушење“, објаснија неговите бранители.
Овој случај повторно ја отвори дебатата за методите на егзекуција во САД, особено во Јужна Каролина, каде што властите се соочуваат со тешкотии при набавка на хемикалии за смртоносни инјекции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа