Мицкоски: На 17 јануари ќе биде пуштена првата делница од пругата кон Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на 14 јануари ќе биде пуштена во употреба првата делница од експресниот пат Градско-Дреново, која е од Градско до Фариш, а на 17 јануари се очекува да биде пуштена и првата делница од пругата кон Бугарија.
– По тој експресен пат Градско-Дреново возилата ќе се движат со брзина до 130 километри на час. Има мало слечиште кое очекувам да биде санирано, и пуштањето на тој дел од патот да биде на 14 овој месец, поточно, за шест дена од денес. Со тоа драстично ќе се намали времетраењето на патувањето до Прилеп, до Битола и до тој дел на Македонија – рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Штип.
Целиот експресен пат Градско-Дреново, кој е во должина од 25 километри, се очекува да биде пуштен во март.
На 17 јануари се очекува да биде пуштена во употреба и првата делница, Куманово-Бељаковце, од пругата кон Бугарија.
– Се гради автопатот Битола-Прилеп и се очекува да биде готов за 3 години. Течат инфраструктурните активности на Коридорот 8 и на Коридорот 10 Д. Очекувам, пред да почне туристичката сезона, во втората половина на мај и првата половина на јуни, да ја пуштиме делницата од автопатот од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај местото Ботун. Таму има мало слечиште, кое што треба да се санира. До крајот на 2026 година очекувам да го пуштиме целиот потег на автопатот Кичево-Охрид. Очекувам да биде распишан тендерот за делницата Букојчани-Кичево, со што и тука би се поврзале овие два коридора. Очекувам после адаптацијата, конечно да имаме успешно наддавање за изградбата на магистралата Блаце-Скопје и проектирање на тунелот Тетово-Призрен. Исто така, очекувам да биде завршено и проектирањето за Куманово-Страцин, како и за обиколницата Битола-граничен премин Меџитлија. Ова се проекти кои се во процес на проектирање или во процес на изградба и завршување – рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на Клиничката болница во Штип, тој замоли граѓаните да бидат трпеливи, затоа што, како што рече, ќе имаат многу пријатно изненадување.
– Во завршни преговори сме со две многу моќни држави. Сакаме да потпишеме меѓувладини договори за проекти од транспортот, дигитализацијата и здравството. Од прв ден работиме на Клиничката болница во Штип, таа ни е приоритет и тоа ќе го испорачаме. Ќе имаме наскоро уште една странска инвестиција во Штип – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа