Добра вест од Загреб: Повредените деца од училиштето пуштени на домашно лекување
Двете момчиња, ранети во страотниот напад во петокот во основното училиште „Пречко“ во Загреб, денеска се пуштени на домашно лекување од Детската болница.
Лекарите процениле дека момчињата на возраст од седум и 11 години се опоравиле доволно за да ги поминат Бадник и Божиќ дома со своите семејства.
„Најдобрата можна вест денеска од болницата Клаиќ е дека децата се добро. Чекаме психолошкиот тим да развие план за натамошно следење на нашите пациенти, а очекуваме да бидат отпуштени во текот на денот, што сите не радува многу – изјави Фран Штампалија, специјалист за детска хирургија за ХРТ.
Тој нагласи дека на родителите и на децата им олеснало кога дознале дека дошол овој момент.
„Ги пречекав, бев на должност во саботата, но целата екипа, вклучувајќи ги и нашите медицински сестри, кои особено морам да ги пофалам, завршија одлична работа, како и анестезиолозите, другите хирурзи и ургентното одделение“, рече Штапалија.
Тој додаде дека планот е да се следи закрепнувањето на децата откако ќе бидат отпуштени од болница.
„На сите им е јасно дека физичките рани ќе зараснат, но психолошките рани треба да се следат подолго време и на тој начин да нема опаѓање. Засега сме на нагорна патека и сакаме така да остане“, заклучи Штампалија.
Наставничката повредена во истиот напад е во стабилна состојба и и’ е укажана психолошка помош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа