Николоски до Груби и Бајрами: Бегството значи признавање на вина
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт и врски, Александар Николоски вечерва е гостин во „Тема на денот“ на Сител ТВ.
Внимателно ги следам случките со Артан Груби. Јавноста се сеќава дека бев доста гласен во опозиција со сето она што се случуваше со скандалот со „Државна лотарија“. Можеби прв го извадив во јавност скандалот и сите тие шеми на поврзување и кршење на законот. Се сеќавате дека Артан Груби правеше бројни обиди да го промени законот за игри на среќа мислејќи дека на тој начин ќе си го амнестира криминалот. Не успеа во тоа заради отпорот на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да успееше законите не можат ретроактивно да важат. Дури и во еден ваков систем каде имаме променет кривичен законик којшто се промени пред падот на власта на СДСМ и ДУИ, толку се силни овие кривични дела што се наоѓа начин истите да се процесираат. За мене лотарија не е изненадување, тоа беше перална на пари, дувло на криминал на СДСМ и ДУИ. Таму фронтмен беше поранешниот шеф на Артан Груби и веројатно само таков профил на човек би правел такво нешто. Всушност сега тие се под истрага за се она што го правеа во Лотарија, вели Александар Николоски.
Тој најавува голема одговорност за поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот шеф на лотарија Перпарим Бајрами.
Мислам дека ќе се соочат со одговорност. Ќе се соочат со многу поголема одговорност. Бегството значи признавање на вина. Ако случајно биле надвор во државата кога ќе дознаат може одма да се вратат. Бегството нема да ги амнестира и убеден сум дека меѓународната потерница преку Интерпол ќе вроди со плод. Артан Груби е локален политичар кој не верувам дека ќе најде прибежиште било каде на земјината топка. Од оваа перспектива станува јасно зошто ДУИ толку ја влечеше работата против предвремени избори. Од оваа перспектива е јасно – сакале да ги завршат овие процеси надевајќи се дека нема да одговараат, заклучува Николоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа