Јован Андоновски: Должничкото робство за граѓаните станува секојдневие

 

Одлуката на Уставниот суд, со која беше овозможено зголемување на платите на функционерите има правен и етички аспект. Од првен таа е издржана, од етични спорна и затоа потребно да се најде модел за решение. Вака заменик народниот правобранител, Јован Андоновски во интервју за Прес 24 ја анализира ситуацијата која предизвика остри реакции во јавноста, некои толкувајќи ја и како дискриминација врз граѓаните.

-Треба да се преобмисли моделот на исплата на плати на носители на јавни функции, меѓу другото и преку вреднување на ефикасноста на работењето. Пример за тоа се пратениците, со исклучоци, голем дел однив не се појавуваат ниту на работно место со месеци, а земаат цела плата, која не е мала, вели Јован Андоновски во интервју за Прес24.

Потенцира дека со најниските плати на Балканот тешко е да се преживее и граѓаните се повеќе се влезени во еден вртлог од кој не можат да излезат.

-Влезени се во должнички процес и се поголем број на граѓани имаат блокирани сметки, се водат против нив постапки на извршување и тенденцијата е се понегативна од година во година. Сметам дека допрва ќе се увидат последиците на економската и здравствената криза која беше претходница на економската, вели заменик народниот правобранител.

Проблем со вреднувањето на трудот има во голем број сектори, особено загрижува што меѓу нив се суштински, како здравството, образованието.

-Очигледно е дека државата има доволно финансиски средства за се, освен за тоа што треба да биде приоритет. Со години се импровизира во овие сектори, се носат реформи без претходна соодветна анализа, се превземаат мерки со краток рок, а и оние реформи кои веќе се започнати да се применуваат, се стопираат или заменуваат со нови, без да се заокружи еден целосен циклус на спроведување на реформите и да се направи анализа какви се резултатите. Така, во овие сектори имаме нереално ниски примања, следствено и мотивот на работниците е мал, потенцира Андоновски.

Во интервјуто Андоновски зборува и за иницијативата што неодамна ја покрена при посетата во Украина, според која треба да се формира тим на Правобранители од неколку држави, кои би ги посетиле воените зарабоници во Украина и во Русија.

-Бев информиран дека на Црвениот крст и на ниту една меѓународна организација не и се овозможува пристап до воените заробеници, во окупираните делови на Украина како и дека илјадници деца се пренесени од Украина во Русија по што им се губи трагата. Омбудсманите имаат право во националните системи да ги посетат лицата кои се притворени или затворени и да согледаат какви се условите во кои престојуваат. По аналогија, предложив тим составен од омбудсмани од неколку држави, кои ќе бидат прифатливи и за двете страни, Украина и Русија, да ги посети воените заробеници на двете страни, да направи увид и извештај со препораки и заклучоци. Истото се однесува и на недоброволно трансферираните деца, за кои добро е да се осознае што се случува со нив, каде се однесени и во какви услови живеат. Идејата се уште се разработува, моделира и се надевам ќе се оствари, вели Јован Андоновски во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Уставниот суд неодамна донесе одлука за укинување на замрзнатиот коефициент за плати на избраните функционери, со што предизвика серија реакции во јавноста. Се уште нема конкретно решение, но од аспект на човековите права како го коментирате ова? 

АНДОНОВСКИ: На прашањето може да се пристапи од два аспекти, правен и етички. Од правен аспект, одлуката на Уставниот суд е правно издржана и тука не би имал посебен коментар. Од етички аспект сметам дека е спорна. Наглото покачување на платите на сите носители на јавни функции и тоа во обем кој е нереален со право ги подгреа страстите кај граѓаните. Со најниските плати на Балканот тешко е да се преживее и граѓаните се повеќе се влезени во еден вртлог од кој не можат да излезат. Влезени се во должнички процес и се поголем број на граѓани имаат блокирани сметки, се водат против нив постапки на извршување и тенденцијата е се понегативна од година во година. Сметам дека допрва ќе се увидат последиците на економската и здравствената криза која беше претходница на економската. Инфлацијата ги срози и онака ниските примања, обезвреднети се парите и животот ќе станува се потежок. Дополнително, некои сектори во власта, како правосудниот не верувам дека ја оправдуваат и оваа плата која до сега ја земаа. Сметам дека треба да се преобмисли моделот на исплата на плати на носители на јавни функции, меѓу другото и преку вреднување на ефикасноста на работењето. Пример за тоа се пратениците, со исклучоци, голем дел од нив не се појавуваат ниту на работно место со месеци, а земаат цела плата, која не е мала. За правосудниот сектор, аргументот во таа насока е дека имаат рекордно ниско ниво на доверба кај граѓаните и следствено треба да поработат да ја повратат барем на задоволително ниво довербата за да може да ги оправдаат платите кои ги добиваат. Нема совршен модел, тоа е факт. Во секоја држава носителите на функции земаат повисоки плати од останатите работници и тука ја наоѓам логиката во принципот на доброто владеење (управување), но не и во случајот на Македонија.

ПРЕС24: Пред извесно време алармиравте за една ситуација во здравствениот сектор, нешто случно со рамноправноста или нерамноправноста за одредена категорија работници, здравствени соработници.

АНДОНОВСКИ: Треба да се вратиме наназад во минатото и да сфатиме дека проблемот има веќе длабок корен, а тоа е мешањето на политиката во сите области на општеството. Со самото политизирање на сектори како здравството, дојде до намалување на квалитетот и професионалноста. Но тоа е доста обемна тема. Постојат и правни проблеми кои се однесуваат на здравствениот сектор. Ке наведам некои од нив: раководните лица во здравствениот сектор треба да разберат дека дискрециско право при водење на постапка за вработување или пак упатување на специјализација не постои. Преку слободно толкување на норми, исто така пракса воспоставена преку политичкото замешателство, дојдовме во ситуација да наместо најдобрите кандидати, се вработуваат или упатуваат на специјализација лица кои се послабо рангирани на конкурс, но се подобни по друг основ. Ова и тоа како влијае дестимулирачки на оние кадри како лекари, специјализанти и специјалисти, кои не можат да се вработат или пак да го усовршат своето знаење, што како последица на лошото управување потоа среќата си ја бараат или во приватниот сектор или пак надвор од државата. Кој ја плаќа цената од лошото менаџирање? Се разбира, ние - граѓаните. Дополнително, сакам да издвојам уште еден пример, кој пак се однесува на предвремено пензионирање на стручен кадар кој работи на скопската клиника. Имено, искусни лекари, професори, кои имаат законско право да продолжат да се занимаваат со наставно-научна дејност и со медицинска пракса на матичната клиника до својата 67 година, зависат од волјата на министерот за здравство, кој одлучува при тоа со селективност и поставувајќи ги во нерамноправна положба овие лица, кој од нив ќе продолжи со работа, а кој не. Ваквото однесување на министер за здравство е неприфатливо и правно неосновано. Имено, имаме недостаток на медицински кадар, а принудно и селективно искусниот кадар предвремено се пензионира. Во минатото министер за здравство беше правник, стоматолог. Утре може ќе биде економист или од било која друга професија. Ова го нагласувам со причина, затоа што сметам дека не секогаш најсоодветно лице треба да одлучи за некој професионалец, кој целиот живот го  посветил на медицината преку науката и практиката. Можам да редам уште многу примери за лошо менаџирање. Би додал само уште еден, а тоа е за двојбата на здравствените работници и здравствените соработници. Имено, здравствени соработници се лицата кои ги обавуваат лабораториските анализи, најчесто лица кои имаат завршено соодветно високо образование но и надоградба на знаењето во областа на медицината. Тие имаат доста важна улога, но, истите се доведени во понеповолна положба затоа што се значително помалку платени. За истото веќе реагирав до надлежните во министерството за здравство и во клиничкиот центар и се надевам дека ќе имаат разбирање и ќе излезат во пресрет на оправданите очекувања на овие лица.

ПРЕС24: Генрално, здравственото, образованието, полицијата, оние суштински административни сектори имаат сериозени проблеми околу вреднување на трудот. На пример во полицијата се плаќаат само одреден број на дополниотелни работни часови, а тоа најчесто е помалку од она што реално е сработено?

АНДОНОВСКИ: Допревте до суштината на прашањето, зошто граѓаните се незадоволни од тоа какви ни се состојбите во државата. Очигледно е дека државата има доволно финансиски средства за се, освен за тоа што треба да биде приоритет. Со години се импровизира во овие сектори, се носат реформи без претходна соодветна анализа, се превземаат мерки со краток рок, а и оние реформи кои веќе се започнати да се применуваат, се стопираат или заменуваат со нови, без да се заокружи еден целосен циклус на спроведување на реформите и да се направи анализа какви се резултатите. Така, во овие сектори имаме нереално ниски примања, следствено и мотивот на работниците е мал. Здравствениот сектор е сведен на социјална категорија, и стравувам дека ќе дојде момент кога Фондот за здравствено осигурување ќе биде доведен во ризик, нешто слично како што е веќе Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во образованието ги имаме најголемите проблеми. Замислете во 21 век учениците немаат учебници. Девалвиран е системот на објективно оценување на знаењето. Пренатрупани се учениците со неприменливо знаење и конечно, не се следат новитетите во образованието кои ги носи вештачката интелигенција односно информатичките технологии. Ако сега во моментов имаме проблем во овој сектор, лошите резултати ќе ги видиме за десетина години кога учениците и студентите ќе треба да излезат на пазарот на трудот. Сето тоа ќе се одрази негативно на секој еден сектор во државата.

ПРЕС24: И последниот извештај на Народниот Правобранител покажува дека судството, но и извршителите се најголемиот проблем за граѓаните. Има ли модел како да се интервенира во овој дел?

АНДОНОВСКИ: Ќе почнам со вториот дел од вашето прашање, по однос на извршителите. Извршување мора да постои заради правната сигурност. Моделот е добар, но има одредени аномалии. На пример, најчесто граѓаните не се известени дека се должници и дека се пристапува кон извршување. Ова го велам затоа што и лично имам осетено ваква неправда, каде што се тврди дека лицето е уредно известено, а такво известување не е воопшто добиено. Во 21 век се уште се оди на класичен начин на известување, а може да се унапреди системот на информирање на граѓаните, пред се тука мислам на мобилните телефони (смс, емаил, порака на било која апликација и сл.). Вториот проблем се однесува на висината на каматите, кои се пресметуваат по висока каматна стапка и фактот дека каматата може да оди до недоглед, при што граѓаните влегуваат во таканаречено „должничко ропство“. Нашиот предлог е да се ограничи висината на каматата, односно, таа да не може да биде повисока од долгот. Во моментот кога ќе го достигне износот на долгот, да запре пресметувањето на каматата. Најголем број граѓани кои се обраќаат  до нас имаат релативно низок износ на долг, но каматите се многукратно поголеми и не престануваат да течат. Во делот на судството, проблемите се децениски наталожни, не се нови и колку подолго се толерираат, тие само ќе растат. Не е прифатливо судски постапки да траат со години па и децении. Не смее да има невоедначена судска практика, па за иста работа, судот да носи различни пресуди. Има уште многу што да се набројува, сметам дека промената треба да се случи од внатре. Довербата во правосудниот систем е катастрофално ниска, тоа треба да биде аларм за сите чинители веднаш да се фатат за суштински реформи.

ПРЕС24: Она што е јавна тајна, во која многумина се сомневаат е можна спрега на релации институции, адвокати, нотари извршители. На пример една мала анализа може да покаже дека граѓански долг најчесто завршува на извршител, иако во постапката тоа може да се спречи ако должникот е известен на време.

АНДОНОВСКИ: Се шпекулира дека постои таква спрега, но не можам да потврдам.

ПРЕС24: Друга ситуација што укажува на ваква корелација е што одредени институции користат услуги на еден или двајца адвокати, кои корстат услоги на еден или двајца нотари, кои пак користат услуги на еден или двајца извршители. Има ли такви претставки до Вас?

АНДОНОВСКИ: Претставки со таква содржина немаме добиено, но евидентно е дека постојат „миленици“ кои држат монопол.

ПРЕС24: Колку претставки за кршење на човековите права по етничка линија има до Народниот Правобранител?

АНДОНОВСКИ: Да појаснам, ние при формирање на предметот по кој треба да постапуваме, бараме подносителот на претставката да пополни податок за етничката припадност. Не сите граѓани го чинат тоа, веројатно затоа што сметаат дека тоа не е во корелација со повредата на нивното право. Генерално, сите граѓани на Македонија се обраќаат до нас. Но, има и такви претставки каде граѓаните се жалат на дискриминација по етничка основа и бројот на таквите претставки не е мал. Се жалат на дискриминација, па дури имавме случај и со сегрегација по етничка основа во основно училиште во општина Штип. Оваа група на предмети се доста комплексни, затоа што неретко товарот на докажување на дискриминацијата паѓа на граѓанинот, а и самата дискриминација е тешка за докажување.

ПРЕС24: Ова Ве прашувам во контекст на политичките дебати за впишување на Бугарите во Уставот. Има ли претставки од македонски Бугари?

АНДОНОВСКИ: Секако дека има. Се жалат најчесто на говор на омраза, за кој за жал Народниот правобранител нема надлежност да постапува, затоа што не станува збор за институционална појава, туку за поединци, физички лица кои шират етничка нетрпеливост.

ПРЕС24: Неодамна бевте во Украина, заговаравте една идеја за формирање на меѓународно тело од омбудсмани за посета на воените заробеници и во Украина и во Русија. Што е идејата и можна ли е реализација?

АНДОНОВСКИ: Идејата произлезе спонтано, во разговор со домаќините, бев информиран дека на Црвениот крст и на ниту една меѓународна организација не и се овозможува пристап до воените заробеници, во окупираните делови на Украина како и дека илјадници деца се пренесени од Украина во Русија по што им се губи трагата. Омбудсманите имаат право во националните системи  да ги посетат лицата кои се притворени или затворени и да согледаат какви се условите во кои престојуваат. По аналогија, предложив тим составен од омбудсмани од неколку држави, кои ќе бидат прифатливи и за двете страни, Украина и Русија, да ги посети воените заробеници на двете страни, да направи увид и извештај со препораки и заклучоци. Истото се однесува и на недоброволно трансферираните деца, за кои добро е да се осознае што се случува со нив, каде се однесени и во какви услови живеат. Идејата се уште се разработува, моделира и се надевам ќе се оствари.

ПРЕС24: Бевте политички активен, сега сте во улога на заменик Народен Правобранител, останаа ли кај Вас амбиции за повторна политичка кариера?

АНДОНОВСКИ: Да, бев политички активен, тоа беше една интересна и доста поучна животна епизода. Оние кои имале таква епизода знаат дека од неа не може да излезеш без рани или гребнатинки, колку и да си бил добронамерен во своето работење. За жал, кај нас таква е општествената клима, политичките партии и активисти се доживуваат како противници, непријатели, а не како опоненти. Не сум политички активен веќе подолг временски период иако како zoon politikon следам редовно што се случува на политичката сцена. Она што можам да го кажам со огромна доза на сигурност е дека не не грее сонце и дека таквата состојба ќе потрае. Дали некогаш повторно би влегол во политика? Можеби, ако проценам дека се создадени услови сериозно и професионално да се придонесе за доброто на државата. Има потреба од такво нешто, затоа што гледаме дека веќе десетина години имаме сериозна политичка и економска нестабилност, но средината за делување е контаминирана.

 

27.04.2023 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега