Виолета Петроска-Бешка и Кирил Барбареев: Општествени науки е само работен наслов, како ќе се вика предметот ќе одреди јавната расправа
Универзитетските професори, Кирил Барбареев и Виолета Петроска-Бешка, кои се дел од работата група за реформи во образованието, во заедничко интервју за Прес24 велат дека во јавноста има комплетно погрешна перцепција за тоа што е целта на реформите, посочувајќи дека политичките случувања на релација со Бугарија, се сосема случајни и воопшто не се поврзани со идејата за реформа.
Во интервјуто зборуваат за детали околу идејата за реформа, посочувајќи дека сите членови на работната група се доживуваат себе си како патриоти, загрижени за иднината на државата.
-Токму од патриотизмот и загриженоста за државата произлегува и нивната потреба за подигање на квалитетот на образованието на идните генерации граѓани, што може да се оствари исклучиво само преку коренити промени во постоечкото образование, независно од предметите, односно научните дисциплини застапени во предметите. Во спорот со Бугарија, одговорноста за водење на битката за заштита на идентитетот на македонскиот народ е во рацете на политичарите кои мора постојано да ги имаат на ум, како потребите и стравувањата на народот, така и последиците од нивните политички одлуки, велат професорите Пероска-Бешка и Барбареев во заедничкото интервју за Прес24.
ПРЕС24: Реформата на образовниот систем кој се најавува предизвика многу реакции, но во основата се сведува на отпор кон формата, а не кон суштината. На пример, во јавноста главна тема е дека на овој начин се укинува Историјата и тоа се поврзува со актуелните политички состојби со Бугарија. За почеток, кога се јави оваа идеја за реформа и од кого?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Сите членови од работната група за подготовка на Концепцијата долги години се залагаат за коренити промени во образованието. Повеќето од нив учествувале во анализи во кои се констатираат слабостите на нашето образование и се нудат препораки за надминување на слабостите. Такви анализи има многу. Некои се спроведени од домашни авторитети (поединци, организации и институции), а некои од страна на меѓународни реномирани институции кои се носечките авторитети во областа на образованието во Европа и во светот. Домашните студии се главно фокусирани на одделни сегменти од образованието, но постојат многу меѓународни студии кои го адресираат севкупниот обрзовен систем и се однесуваат на основното образование. Сите членови на работната група имаат искуство со креирање и реализирање на проекти во обидот да се подобрат одделни сегменти од образовниот процес. Освен што повеќето од нив се универзитетски професори кои ги покриваат стручните профили на кои паѓа одговорноста за изработка на вакви документи, меѓу нив има и такви чија експертиза за креирање образовни политики е докажана не само пред домашната, туку и пред меѓународната јавност. Заедничко за сите членови на работната група е уверувањето дека парцијалните промени се недоволни за суштинско реформирање на основното образование, кое ѝ е неопходно на нашата земја. Таков простор за сеопфатна реформа која ќе го подигне квалитетот на основното образование во земјата за прв пат по многу години (претходната концепција е од 2007 година) се доби сега. Значи, новата Концепција произлегува од потребите на образованието и на никаков начин не е предизвикана од актуелните политички случувања со Бугарија.
Треба да се потенцира дека сите членови на работната група, независно од нивната потесна стручност или етничка припадност се многу загрижени за идентитетските прашања поврзани со историјата и јазикот кои сосема неоправдано и неосновано ги наметнува Бугарија. Сите членови на работната група се доживуваат себе си како патриоти, загрижени за иднината на нашата држава. Токму од патриотизмот и загриженоста за државата произлегува и нивната потреба за подигање на квалитетот на образованието на идните генерации граѓани, што може да се оствари исклучиво само преку коренити промени во постоечкото образование, независно од предметите, односно научните дисциплини застапени во предметите. Во спорот со Бугарија, одговорноста за водење на битката за заштита на идентитетот на македонскиот народ е во рацете на политичарите кои мора постојано да ги имаат на ум, како потребите и стравувањата на народот, така и последиците од нивните политички одлуки.
ПРЕС24: Да се вратиме на Историјата. Што е овде проблематично?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Проблематично е што на јавноста ѝ се наметна мислењето дека ако историјата не се учи како засебен предмет, учениците нема да научат историја. Истовремено, за работната група се креира слика дека се предавници на народот, а за членовите на работната група од редовите на Филозофскиот факултет при УКИМ (на кој се подготвуваат наставници по историја), дека се „предавници“ на сопствениот работен колектив. При тоа се забораваат неколку битни аспекти кои ја карактеризират наставата по историја и укажуваат на неопходноста од нејзино коренито реформирање.
Да појдеме од односот на учениците кон учењето историја, што за нашата работна група беше и најважно. Повеќето ученици го доживуваат предметот Историја, независно од одделението во кое се учи, како еден од најздодевните затоа што од нив се бара само помнење имиња и години, што потоа многу брзо се заборава. Сите содржини вклучени во предметот Историја од 6. до 9. одделение се повторуваат и во средното образование и се предаваат на ист начин како во средно училиште. За сите што се разбираат од образование, многу е очигледно дека разликата во предавање на еден предмет во основното и средното образовавние не може да биде само во обемот на содржините. Многу посуштествена е разликата што мора да постои во приодот на разработување на содржините, па дури и во самите содржини, кои мора да бидат прилагодени на возрасните карактеристити на учениците.
Сите претходни обиди да се реформираат наставните програми по историја се покажале неуспешни. Па така, предметот Историја и начинот на кој се учи е идентичен (или скоро идентичен) во последните петнаесет години. Промени во наставните програми за основното образование од 2007 година се воведени за сите предмети освен за Историја, што е показател на ригидноста што постои во изучувањето на оваа научна дисциплина. Сите анализи на учебниците што се користат во поддршка на наставата укажуваат на бројни пропусти – од присуство на неточни и контрадикторни информации, преку политизирани интерпретации, до исклучиви и етноцентрично ориентирани наративи кои се контрапродуктивни за градење на социјалната кохезија во нашата мултиетничка држава. Неспорно е дека учењето историја треба кај учениците да промовира позитивен однос кон сопствената етничка заедница и да придонесува за градење на етничкиот идентитет на учениците, но истовремено треба да игра и битна улога во градење на националниот идентитет на учениците, кој произлегува од припадноста на нашата држава. Тој однос не се гради само преку учење на воено-политичка историја која е сега најприсутна, туку и преку учење за заедничките елементи од историјата (и од аспект на културна и социјална историја) кои придонеле за изградбата на заедничката држава во која живееме денес. Некој ќе рече, зошто тогаш да не инвестираме во реформирање на наставата по историја, а историјата да продолжи да си учи преку независен предмет кој ќе се вика Историја.
Една од причините за интегрирање на предметот Историја со други е да се намали бројот на предмети што е од непосреден интерес на учениците. Но, таа причина е споредна во однос на посуштествената која произлегува од потребата да се обезбеди мултидициплинарно разработување на исти или сродни концепти. Историските настани не може да се разберат без географскиот контекст, ниту пак содржините и целите зацртани со сегашниот предмет Граѓанско образование можат смислено да се совладаат кога се учат изолирано од историскиот контекст. Мултидисциплинарниот пристап помага учениците да ја разберат врската и меѓузависноста на различните дисциплини која постои во реалноста, ги оспособува да ги комбинираат знаењата и вештините кои ги стекнуваат преку усогласено учење на содржини од различните дисциплини во смислени целини и обезбедува услови учењето да се базира на проекти и истражувања, преку што се овозможува неопходното поврзување и осмислување на информациите и развивање на критичкото мислење кај учениците. Современата педагогија тврди дека без поврзување на содржините со реалноста учениците не можат да ја увидат релевантноста и корисноста на она што го учат и наместо да гледаат на учењето во училиште како на можност за личен развој, го доживуваат како наметнат, непотребен товар.
ПРЕС24: Мислам дека главниот отпор во јавноста е околу именувањето на предметот. Сте размислувале ли тој се преименува на пример во Историја и општество?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Во нацртот на Концепцијата, на понудениот предмет кој интегрира наставни содржини и цели кои до сега припаѓаа на Историја, Географија и Граѓанско образование му е даден привремен наслов Општествени науки. Во нацртот на Концепцијата пишува дека конечниот назив на предметот ќе се определи по јавната расправа. Ставот на работната група е дека предметот Историја не може да остане како независен од претходно наведените причини, и никој нејзин член нема против терминот историја да се содржи во насловот. Работната група има разгледано повеќе можни називи на предметот, но во недостаток на суштинска јавна расправа по ова прашање, прашањето се уште не е затворено.
ПРЕС24: Вториот аспект е мислењето дека ќе бидат кратени содржини. Стравот е претпоставувам пак поврзан со некакви историски вистини со соседите, пред се Бугарија. Има ли овде простор за страв?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Неопходноста од воведување суштински промени во постоечкиот образовен процес, кои ќе овозможат поместување од механичко учење кон учење со размислување, ја наметна потребата некои содржини да се кратат, а некои да се збогатуваат. Тоа важи за сите предмети. Сепак, загрижите во јавноста околу идентитетските содржини од историја е неоправдана. Работната група е едногласна околу неопходноста во интегрираниот предмет во кој е вклучена историјата да бидат застапени настани и ликови што се важни за етничкиот идентитет на учениците, но и такви кои го поддржуваат развојот на националниот идентитет на учениците, што ќе овозможи поместување од етноцентрично ориентирана историја кон мултиетнички/мултикултурно ориентирана. Тоа е во согласност со интеркултурноста која, заедно со инклузивноста и родовата сензитивност и рамноправност, претставува еден од носечките принципи на Концепцијата што се рефлектираат во сите предвидени промени и треба да се вградат во сите наставни предмети. Дополнително, Националните стандарди на кои почива Концепцијата, што ги определуваат знаењата, вештините и ставовите со кои учениците треба да го заокружат основното образование, ја наметнува потребата од формирање на граѓани на нашата земја кои ќе се чувствуваат удобно во таа улога (како припадници на Република Северна Македонија) и ќе имаат изграден идентитет (личен, етнички или национален) кој нема да може да го загрозуваат и злоупотребуваат вакви немили ситуации, каква што е оваа со Бугарија.
ПРЕС24: Има ли вклучено историчари во Комисијата која работи на оваа реформа?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Работната група за изработката на Концепцијата ја сочинуваат претставници од Бирото за развој на образованието како креатори на образовни политики, универзитетски професори по педагогија и психологија од педагошки и наставнички факултети од повеќето државни универзитети и наставници-практичари. Таквиот состав не е случаен – нивната експертиза е клучна за подготовка на документ од ваков вид, во кој се преточени образовните политики на државата. Сепак, за истражување на можноста за интеграција на природните дисциплини и општествено-хуманистичките дисциплини, беа формирани консултативни групи составени од советници од Бирото за развој на образованието и, секако историчари од академската заедница и од наставната пракса, па понуденото решение е продукт на заеднички изградените ставови.
Конкретните содржини и очекуваните резултати од учењето ги определуваат посебни работни групи што ќе работат на наставните програми за секој предмет одделно. Во работната група за развивање на наставната програма по интегрираниот предмет кој ја вклучува историјата неминовно ќе членуваат и академски историчари и наставници по историја од пракса.
ПРЕС24: Ајде сега малку за целта. Што се сака да се постигне со реформата на која се повикува Концепцијата?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Ниту една реформа во основното образование не треба да се води од потребите на наставниците и интересите на педагошките и наставничките факултети кои ги подготвуваат идните наставници. Во фокусот на секоја реформа мора да бидат интересите и потребите на учениците. Наставниците, училиштата и сите други образовни институции треба да бидат во функција на промовирање и заштита на најдобриот интерес на детето и остварување на правото за квалитетно образование во согласност со Конвенцијата за правата на детето. Поаѓајќи од тоа, Концепцијата повикува на реформа која е ориентирана на учениците и бара образованиот процес да се организира така што ќе им ја демонстрира на учениците корисноста и релевантноста од учењето, ќе ги испочитува нивните потреби и интереси и ќе овозможи развој на потенцијалите на секој ученик и, во крајна линија ќе обезбеди учениците да се чувствуваат комотно и сигурно во училиштето и ќе бидат мотивирани да учат.
Една од основните цели на основното образование е да ги научи учениците да учат во следните нивоа на образование, но и во животот воопшто. Со кои компетенции треба да се стекнат учениците за да биде остварена оваа цел е определено со Националните стандарди за основното образование, што е придружен документ на Концепцијата. Овие стандарди ги наведуваат знаењата, вештините и ставовите кои учениците треба да ги понесат со себе кога ќе го завршат основното образование. Тие се групирани во осум подрачја: Јазична писменост, Користење други јазици, Математика, природни науки и технологија, Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Демократска култура и граѓанство, Претпримништво и Уметничко изразување и култура. Во нив се всушност вградени компетенциите за доживотно учење содржани во Препораката на Советот на Европската унија од 2018 година, што се прилагодени на возраста на учениците.
За да се постигнат целите на вака реформираното образование, неопходна е реформа и на педагошките и наставничките факултети. Всушност, новата Концепција им отвора можност на овие факултери да станат битен фактор во обликување на новиот профил на современ наставник и за одделенска и за предметна настава. Слободно може да се каже дека преку барањето за осовременување на наставата и подигањето на компетенциите на наставниците се постигнува и друга цел, а тоа е подигање на реномето и општествениот статус на наставничката професија.
ПРЕС24: Она што веројатно е основата на кој било процес е дали пред да се тргне во каква било реформа имаме анализи за тоа какво е сега. Дали имате увид во тоа што мисли јавноста за воведувањето реформи во образованието?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Во самата Концепција се посочени анализите од најрелевантните меѓународни институции кои укажуваат на недостатоците на постоечкото основно образование и се резимира препораките за обезбедување квалитетно образование кои произлегуваат од направените анализи, но и од релевантните документи на Европската Унија и на инстиитуциите во рамки Обединетите нации. Најбитните констатации од направените анализи укажуваат на тоа дека нашиот образовен систем поттикнува помнење, наместо мислење, дека наставата е насочена кон реализирање на учебникот, наместо кон постигнување на очекуваните резултати од учењето, дека наставниците имаат ограничена автономија во изведување на наставата, дека нашите ученицие се ориентирани на учење дома наместо во училиште (споредено со земјите со успешни образовни системи поминуваат 900 саати помалку време во училиште). Најдобар доказ на неуспехот на постоечкиот образовен систем се исклучително слабите резултати на меѓународните тестирања.
Истражувањето што ѝ претходеше на подготовката на Концепцијата во кое учествуваа 4168 наставници од одделенска и предметна настава (спроведено во ноември 2020 по електронски пат) покажа дека огромното мнозинство (82%) смета дека реформите се неопходни. Мнозинството од анкетираните укажуваат на тоа дека учениците се принудени да учат небитни, наместо корисни работи и бараат намалување на бројот на предмети и промена на бројот на часови, намалување на обемот на содржините што се учат и усогласување на наставните програми и учебниците со потребите и интересите на учениците. Околу прашањето за преоптовареност на учениците постои консензус и меѓу учениците и родителите.
Кога ваквите потреби ги вградивме во реформата, започнаа реакциите. Сега, сведочиме на барањата да се додаваат работи и на постоечките, на револт зошто се намалиле часовите по конкретните предмети или зошто се предвидуваат промени во содржините. При тоа се заборава дека ниту бројот на часови, ниту самото присуство на одделни содржини не гарантира квалитет, туку дека е многу поважно содржините и пристапот да се направат релевантни и доволно атрактивни за децата за да се намали постоечкиот отпор кон учењето и да се подобрат постигањата на учениците.
ПРЕС24: Во овие 30 години независност, ако ги прашате повозрасните генерации веројатно ќе ви речат дека Македонија успеа да уништи еден здрав и квалитетен образовен систем од поранешната држава. Се согласувате со тоа?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Проблемот не е што таквото образование е уништено, туку што не е променето. Тоа ги задоволувало потребите на други времиња кога знаењето се сведувало на поседување информации, а вештините за запомнување и репродукција на запомнетото биле најголемата придобивка од образованието. Во современи услови, информациите се многу лесно достапни, поради што квантумот на знаења што се поседуваат во даден момент е спореден во однос на оспособеноста за поврзување и осмислување на информациите. При тоа, акцентот се става на развојот на критичкото мислење кое овозможува да се заземе соодветен однос кон информациите кои се исклучително лесно достапни и тогаш кога се точни и тогасш кога се лажни.
Воспитната компонента на образованието вградена во тој образовен систем сосема соодветсвуваше на потребите на тогашното време. Тогаш се промовираше конформизмот како вредност, а на дипломата се гледаше како на средство за поудобен живот („Учи за да не мора во иднина напорно да работиш!“). Денес, на образованието, односно на учењето треба да се гледа како на исклучително важен медиум за оспособување на граѓаните полесно да се прилагодат на потребите на современиот начин на живеење кои веќе не се статични како што биле порано, туку се многу динамични и зависни од пазарот на трудот. Ние пропуштивме при промената од едно уредување во друго, да го прилагодиме воспитниот аспект на новите потреби. Наместо тоа, дозволивме воспитната компонента скоро да се исклучи од образованието, со што беше оневозможено образованието систематски да влијае врз развојот на систем на вредности, соодветен на современите потреби.
ПРЕС24: Ова што сега се најавува е модел кој треба да го замени моделот кој пред 15 години исто така се највуваше како реформа. Тој концепт на Кембриџ образование се покажа како многу неефикасен. Тоа впрочем го покажуваат и оценките за македонскиот образовен систем. Моето прашање е зошто сметата дека овој модел што го нудите ќе биде поуспешен?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Информациите што ги имаме во врска со популарно наречените Кембриџ програми, велат дека воведените промени во наставата по математика и природни науки биле компромисно решение. За да се оневозможи поголемо бранување во јавноста, прескокнати се препораките од Кембриџ центарот за..... за реформирање на наставата по овие предмети од 1. до 9. одделение поради што е оневозможено вертикално усогласување на наставните програми од засегнатите дисциплини. Од перспектива на новата Концепција, неуспехот најверојатно се должи на тоа што со тоаа програма е воведена делумна, а не сеопфатна реформа. Искуствата со реализацијата на други програми кои биле повеќе или помалку прифатени во пракса (на пример, воведувањето на формативно оценување) покажуваат дека промените фокусирани на одделен аспект на основното образование не можат да ги постигнат посакуваните ефекти.
Наставата е процес во кој се испреплетуваат поучувањето, учењето и оценувањето. И претходно беше потенцирано дека успехот на наставаа зависи од наставните содржини (колку учениците го доживуваат тоа што што се учи како релевнтно и корисно) и од методите на настава и учење (дали материјалот ќе им се предава или учениците повеќе ќе се насочуваат како да дојдат до потребните знаења), а успехот од реализацијата на наставата е определен со нивото на постигнување на очекуваните резултати од учењето. Но, тоа не е сè. Треба да се има на ум дека успехот зависи и од тоа колку се наставниците оспособени за имплементација на посакуваните промени, каква е севкупната атмосфера во училиштето за промовирање на култура на учење и за поистоветување на учениците и наставниците со училиштето во кое учат, односно работат. Концепцијата ги предвидува промените во сите овие сфери на образовниот процес.
ПРЕС24: За секоја реформа многу е важно дали има на што да се потпре. Во тој контекст колку наставниот кадар е подготвен да го реализира ова што сега се најавува?
БАРБАРЕЕВ И ПЕТРОСКА-БЕШКА: Предвидено е за секој аспект од промените, наставниците да добијат навремена и адекватна обука. Наставниците се жалат дека обуките кои ги следеле досегашните парцијални реформи биле многу куси и недоволно ги подготвувале за реализација на предвидените промени во пракса. Сега се очекува обуките да бидат посуштински – да траат доволно долго и да бидат ориентирани на стекнување вештини за практична работа сообразно на новите потреби. Исто така, по завршување на обуките, националните образовни институциите на чело со Бирото за развој на образованието, ќе се стават на располагање за обезбедување континуирана стручна поддршка на наставниците. Меѓутоа, за успешна имплементација на новата Концепција неопходно е интензивирање на професионалната соработка меѓу наставниците преку стручните активи во училиштата. Тоа е особено важно кога се работи за наставниците од различчните дисциплини што се вклучени во реализацијата интегрираните предмети.
Дополнителна поддршка во училиштата ќе се обезбеди и преку активирање на кариерниот развој на наставниците, кој иако е зацртан во неколку претходни закони за основното образование, до не функционирал во праксата. Сега, наставниците, односно стручните соработници во училиштата кои исполнат соодветни професионални стандарди и се истакнуваат со своите знаења, способности и вештини ќе може да напредуват во звањата. Така, дел од наставниците ќе станат ментори и ќе им ја обезбедуват потребната професионална поддршка на своите колеги. Дел од нив може да нбидат избрани и во звањето наставници-советници и да делуваат во училиштата преку националните образовни институции.
Најбитно е да се истакне дека реформите што ги бара концепцијата ќе бидат воведувани етапно и постепено. Најнапред, обуките ќе бидат насочени на наставниците кои работат во одделенијата (наставните години) во кои се воведуваат реформираните наставни програми, откако ќе бидат подготвени наставните програми за тие одделенија. Потоа, со проширувањето на реформите во следните одделенија, ќе се зголемува и бројот на наставници што ќе бидат обучувани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа