Васко Наумовски: Бугарија всушност работи во корист на сопствената штета

 

Поранешениот вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, Васко Наумовски, смета дека германското претседателство со ЕУ презема иницијатива за позитивен исход во односите меѓу Софија и Скопје и дека тие напори ќе продолжат до крајот на годината, и покрај евентуалното вето на претстојниот состанок на Советот на ЕУ во ноември.

Во интервју за Прес 24, Наумовски вели дека треба да го имаме предвид и фактот дека Бугарија се наоѓа во предизборен период, како и дека дел од партиите во владата на Борисов се исклучително заинтересирани ова прашање да се држи отворено.

-На тој начин се демонстрира некаква надмоќ врз Македонија, залагајќи се за употреба на вето токму во овој случај, кога веќе не може истото да се направи во други случаи. Тажно е што во 2020 година, во процесот на проширување на Европската унија, фокусот е на историски прашања, наместо на прашања поврзани со борбата против корупцијата, реформата на судството и администрацијата, усвојување на европските стандарди во образованието, здравството, животната средина, итн. Унијата е синоним за заедничка иднина, модернизација и напредок, а не за враќање назад и проблематизирање на прашања кои би требало да се решаваат од страна на историчарите, согласно научна методологија и со правилна проценка на историските извори, вели Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, во интервјуто за Прес24.

Потенцира дека на Балканот не е лесно да се игнорира историјата, особено кога таа се толкува од страна на политичарите.

-Предрасуди постојат и на двете страни, и потребни се напори за ослободување на историјата и образованието од влијаните на дневната политика. Бугарија постојано повикува за прекин на т.н. антибугарска пропаганда, но со овие чекори само ќе се зајакнат негативните ставови кон Бугарија, односно сега Бугарија всушност работи во корист на сопствената штета. Фокусот на билатералните односи треба да биде на проекти за изградба на автопат Скопје-Софија, железничко поврзување, отворање на нови гранични премини со цел олеснување на прекуграничната соработка, зголемување на трговската размена, заеднички напори за привлекување на европски фондови за развој на регионот, споделување на бугарските искуства во преговорите за членство во ЕУ, итн, потенцира Наумовски.

Очекува дека победата на Џо Бајден на изборите во САД, ќе го врати американскиот интерес за Балканот.

-Ако ги анализираме односите на САД кон Македонија во изминатите речиси 30 години, можеме да заклучиме дека при промена на власта во Белата куќа нема суштински промена на политиките. И за време на мандатите на републиканските и демократските претседатели, континуирана е поддршката за членството во НАТО и ЕУ, реформите неопходни за постигнување на овие цели, како и продлабочување на билатералната соработка во повеќе области. Во однос на регионот, пак, Бајден е политичар со добро познавање на случувањата на Балканот уште од време на конфликтите во поранешна Југославија, и се очекува во делот на надворешната политика да реактивира дипломати кои биле дел од администрацијата на Обама или Клинтон, кои би можеле да поттикнат поголемо присуство на САД во регионот, вели во  интервјуто за Прес24, екс македонскиот амнасадор во САД.

ПРЕС24: Изборите во САД поминуваат во доста драматична неизвесност, можеби историски непозната до сега. Што всушност се случува таму во последен момент?

 

НАУМОВСКИ: Се очекуваше дека трката ќе биде тесна, и двете страни ги мобилизираа своите приврзаници да излезат на гласање, со таа разлика што демократите и нивниот кандидат Џо Бајден повикуваа да се гласа по пошта, што е дозволено согласно изборните правила, додека претседателот Трамп претпочиташе неговите гласачи да излезат да гласаат на избирачките места, на денот на изборите. Оттаму, согласно резултатите што беа обработени во изборната ноќ - во предност беше Трамп, а откако почнаа да пристигнуваат гласовите по пошта - предноста премина на страната на Бајден. Имајќи предвид дека над 100 милиони Американци гласаа по пошта, двојно повеќе од минатите избори, потребно беше значително подолг период тие гласови да пристигнат до соодветните избирачки места, и да се обработат. Веќе е најавено дека тимот на претседателот Трамп ќе покрене судски постапки за пребројување на гласовите во неколку сојузни држави, со цел да ги оспори резултатите кои не се во негова корист, што може дополнително да го одложи официјализирањето на изборните резултати.

ПРЕС24 Како овие избори ќе се рефлектираат во глобалната светска политика?

НАУМОВСКИ: Постојат повеќе разлики меѓу кандидатите за прашањата од надворешната политика на САД. Во однос на НАТО алијансата, Трамп изразуваше жестоки критики за недоволен придонес на државите-членки, додека Бајден се залага за обнова на традционалните сојузништва. Доколку мандатот го освои Бајден, односите со Кина и Русија веројатно ќе се вратат во рамките зацртани во мандатите на претседателот Обама, како и поцврст однос кон Северна Кореја. Бајден исто така ја најави својата поддршка за договорот со Иран, како и Парискиот договор, а се очекува и враќање на традиционалната улога на САД во меѓународните организации, што беше измената за време на мандатот на Трамп.

ПРЕС24:Ќе донесе ли изборот на Бајдрн нешто ново за Македонија и за Балканот?

НАУМОВСКИ: Ако ги анализираме односите на САД кон Македонија во изминатите речиси 30 години, можеме да заклучиме дека при промена на власта во Белата куќа нема суштински промена на политиките. И за време на мандатите на републиканските и демократските претседатели, континуирана е поддршката за членството во НАТО и ЕУ, реформите неопходни за постигнување на овие цели, како и продлабочување на билатералната соработка во повеќе области. Во однос на регионот, пак, Бајден е политичар со добро познавање на случувањата на Балканот уште од време на конфликтите во поранешна Југославија, и се очекува во делот на надворешната политика да реактивира дипломати кои биле дел од администрацијата на Обама или Клинтон, кои би можеле да поттикнат поголемо присуство на САД во регионот. Единствената промена што е видлива во изминатата деценија е всушност намаленото присуство на САД, и препуштањето на балканските проблеми во своевидна надлежност на Европската унија и нејзината надворешна и безбедносна политика.

ПРЕС24:Македонија очекува во Декември да почне преговори во ЕУ, но блокадата од Софија е се поизвесна. Кои се вашите проценки, што може да се очекува, колку Берлин може да биде успешен медијатор во овој процес?

НАУМОВСКИ: Германското претседателство презема иницијатива за позитивен исход, и мислам дека тие напори ќе продолжат до крајот на годината, и покрај евентуалното вето на претстојниот состанок на Советот на ЕУ во ноември. Треба да го имаме предвид и фактот дека Бугарија се наоѓа во предизборен период, како и дека дел од партиите во владата на Борисов се исклучително заинтересирани ова прашање да се држи отворено. На тој начин се демонстрира некаква надмоќ врз Македонија, залагајќи се за употреба на вето токму во овој случај, кога веќе не може истото да се направи во други случаи. Тажно е што во 2020 година, во процесот на проширување на Европската унија, фокусот е на историски прашања, наместо на прашања поврзани со борбата против корупцијата, реформата на судството и администрацијата, усвојување на европските стандарди во образованието, здравството, животната средина, итн. Унијата е синоним за заедничка иднина, модернизација и напредок, а не за враќање назад и проблематизирање на прашања кои би требало да се решаваат од страна на историчарите, согласно научна методологија и со правилна проценка на историските извори.

ПРЕС24:Премиерот Заев изјави дека Бугарија веќе го прекршила договорот во точката 2, откако во Брисел, амбасадорот на Софија не даде зелено светло за преговарачката рамка, но во истовреме смета дека сепак во декември ќе има меѓувладина конференција. Можно ли е сепак нешто да се промени во последен момент?

НАУМОВСКИ: Во овој тип на ситуации секогаш е можен напредок во последен момент, и германската дипломатија има доволен капацитет да изврши дополнително влијание врз страните кои се вклучени во овој спор. Видовме засилен ангажман од страна на највисоките германски функциониери, и можно е тој пристап во наредните недели да даде резултати. Сепак, да не заборавиме дека доколку една држава-членка цврсто опстојува на својот став дека ќе го употреби правото на вето - не постои инструмент тоа вето да се заобиколи. Ние најдобро знаеме како е кога една држава го користи правото на вето за време на повеќе години, и ЕУ нема можност да влијае на тоа, иако сите останати членки имаат спротивен став. Веројатно ќе се направи уште еден обид на средбата на двајцата премиери, и пред состаноците на Советот во декември. Мислам дека шансите за меѓувладина конференција во декември се мали, но не и непостоечки.

ПРЕС24:Ако се анализираат македонско-бугарските односи, што е тоа што последната година се случи, што доведе до вжештуваење на состојбата? Софија тврди дека не е се во историаките прашања, на пример зборува за системско непочитување на Договорот за добрососедство, блокади на инвестиции, блокада на Коридорот 8... ?

НАУМОВСКИ: Тоа вжештување веројатно се должи на недостатокот на резултати во работата на Комисијата за историски и образовни прашања, односно на неможноста да се прифатат барањата на бугарските историчари во таа комисија. Дополнително, сметам дека Софија не може да го игнорира начинот на кој се затвори билатералниот спор со Грција, односно отстапките што беа направени од нашата влада во тој случај. Логично би било и тие да се обидат да ја искористат позицијата во која се наоѓа Македонија, односно преку силен притисок во оваа фаза да издејствуваат повеќе отстапки од наша страна. Од друга страна, пак, доколку при потпишувањето на билатералниот договор со Бугарија нашата влада имаше посеопфатен пристап, со навремена консултација со експерти од областите што се предмет на тој договор, можеби немаше да се доведе во оваа незавидна ситуација.

ПРЕС24: Мислите ли дека меѓу македонското и бугарското општество постои искрена воља за градење пријателство, или пак предрасудите се толку големи што недовербата тешко се надминува?

НАУМОВСКИ: Пријателството меѓу македонскиот и бугарскиот народ треба да се гради во континуитет, а државите се тука да помогнат со конкретни проекти, кои би имале за цел надминување на децениските недоразбирања. На Балканот не е лесно да се игнорира историјата, особено кога таа се толкува од страна на политичарите. Предрасуди постојат и на двете страни, и потребни се напори за ослободување на историјата и образованието од влијаните на дневната политика. Бугарија постојано повикува за прекин на т.н. антибугарска пропаганда, но со овие чекори само ќе се зајакнат негативните ставови кон Бугарија, односно сега Бугарија всушност работи во корист на сопствената штета. Фокусот на билатералните односи треба да биде на проекти за изградба на автопат Скопје-Софија, железничко поврзување, отворање на нови гранични премини со цел олеснување на прекуграничната соработка, зголемување на трговската размена, заеднички напори за привлекување на европски фондови за развој на регионот, споделување на бугарските искуства во преговорите за членство во ЕУ, итн. На тој начин двете влади ќе дадат конкретен придонес за зголемување на комуникацијата, надминување на недовербата, и градење на пријателството.

ПРЕС24:Вие сте биле дел од македонската дипломатија. Дали во ове 30 години независност, најголема слабост во државата е токму државната дипломатија. Како да не усшеа Македонија да изгради јасни и верни пријатели меѓу светските сили. Ова во контекст на тоа дека речиси и да нема меѓународна аспирација која не била предмет на блокади, оспорувања. Македонија како да оди по најтешкиот пат кон стратешките партнерства?

НАУМОВСКИ: Надворешната политка е една од областите што треба да се ослободи од дневната политика, и кадешто треба да се изгради консензус за клучните приоритети. За жал, тоа изгледа недостижно, и покрај искуството со сите блокади. Со цел да воспоставиме трајни пријателства надвор, потребно е прво да се соочиме со непријателствата внатре. Сите надворешно-политички позиции, за секоја влада, ќе бидат поцврсти доколку зад нив стои и опозицијата. Сите преговори на меѓународната сцена се полесни доколку државата е обединета, а прашањата што се предмет на тие преговори не се злоупотребуваат во дневно-политички цели. Колку сме повеќе обединети внатре, толку ќе бидеме поуспешни надвор. Не можеме да очекуваме успех доколку сме разединети и разногласни за државните приоритети. И во случајот на градење на ефикасна дипломатија, треба да се обидеме да ги ангажираме најдобрите, без разлика која е нивната идеолошка ориентација, па дури и да немаат никаква. Консензусот во надворешната политика треба да ги обедини сите, и на тој начин во суштина ќе престане потребата за партиски битки за превласт и во дипломатијата.

ПРЕС24:На внатрешен план, како ја оценувате политичката клима. Пандемија со сериозни размери, национално единство по клучни прашања речиси и да нема. Власт и опозиција како да живеат во две различни држави?

НАУМОВСКИ: Неразбирливо е зошто упорно се продолжува со истиот начин на политичка пресметка, којшто за жал вклучува политички прогон, реваншизам низ институциите, навреди, клевети, закани, црна кампања, морбидни сцени. После сета таа одбивна реторика од партиите, не би требало да нè зачудува ниската излезност на изборите, безнадежноста и апатијата кај граѓаните, како и разочараноста од партиите и политичарите. На народот му е доста од негативна енергија, потребен е натпревар на идеи, борба на визии за иднината, конкуренција со проекти. Да се надминат суетите, да се слушнат различни мислења, да постои подготвеност да се прифатат аргументите на другата страна, да се препознаат националните интереси, и да се работи на обединување окулу нив.

ПРЕС24:Завчера се случи интересна средба под покровителство на Конрад Аденуаер, што на политичката сцена се толкува како можна прва предизборна колаиција на ВМРО-ДПМНЕ со албански партнери, Села и Гаши. Како го оценувате ова?

НАУМОВСКИ: Европската народна партија и нејзините блиски институции секогаш ја охрабруваат соработката меѓу десничарските партии, особено во контекст на учеството во политичките процеси, дијалогот, регионалната соработка, како и вклученоста во евро-интреграцискиот процес. Политичките партии секогаш за приоритет ги имаат своите интереси, дури и кога тоа значи склучување на нови, или оддалечување од претходни договори. Партиите од т.н. албански политички блок во изминатите три години делуваа некогаш на страната на власта, некогаш опозициски, во различни коалиции меѓу себе, или со СДСМ. Во тој контекст, може да се анализираат процесите на создавање на парламентарното мнозинство и поддршката за владините проекти во Собранието, двата круга на минатогодишните претседателски избори, како и преговорите за составот на актуелната влада годинава. Со цел да се воспостави искрена и долготрајна соработка, можните идни коалициски договори треба да ги опфатат и прашањата поврзани со меѓуетничките односи кои предизвикаа жестоки критики од страна на опозицијата во изминатите години, но да оставиме времето да покаже дали и како ќе се надминат тие предизвици. Тест за заедничкиот настап на опозицијата ќе бидат локалните избори догодина, а доколку овој концепт се стабилизира, суштинските резултати би биле видливи на парламентарните избори во 2024 година, до кога има доволно време за продлабочување на опозициската соработка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.11.2020 - 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега