Гордана Силјановска: Дајте ми доверба за да ги отворам процесите!

 

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска Давкова, како кандидат на опозицијата во претседателската трка, очекува да продолжи ниското ниво на напади кон нејзината личност, кое се случуваше во неформалниот дел од кампањата, што пак според нејзе само покажува дека македонската политичка култура тешко се менува.

Сиљановска-Давкова во интервју за Прес24, сепак вели дека, што се однесува до официјалната капања во нејзиниот камп,  успева да се избори за компромис помеѓу замислата и традицијата на најголемата партија која застана зад нејзината кандидатура и нејзината граѓанска визија. 

-Јас сум скромна жена, досега никогаш не сум сакала голем публицитет. Не мислам дека кампањите треба да бидат нападни и скапи, особено во сиромашна земја. Еве, ќе ви кажам искрено дека со дел од мојот тим имам препирки околу гардеробата: додека некоја друга жена можеби пред почетокот на кампањата ќе појдеше до Париз или некој друг монденски град да купува нова и елегантна облека, јас не ни помислив на тоа. Не е популизам ако човек/жена остане тој/таа што е. Јас се одлучив за скромност и во овој дел. Не верувам во тоа дека 20-дневна кампања битно ќе го промени политичкиот светоглед на граѓаните, но сепак треба да се искористи за директни комуникации и разговор, вели Сиљановска-Давкова во интервјуто за Прес24. 

Таа верува дека ТВ дуелите што ќе ги има со колегите, противкандидати, ќе ѝ покажат на јавноста најдобро што имаат да понудат, колку се аргументирани и елоквентни, колку се убедливи во она што го ветуваат.

ајте ми доверба за да ги отворам процесите, кои ќе созреат и кулминираат за време на мојот мандат! Се разбира, првата работа ќе биде создавање на мал и високо компетентен претседателски кабинет, формиран на транспарентен начин, со инклузивност не само на најдобрите со различна етничка припадност, но и со опфаќање на претставници на другите маргинализирани групи. Втората работа што ја планирам е активно вклучување во започнатите процеси на зачленување во НАТО и увид во интеграцијата во ЕУ, каде ќе сакам да помогнам, меѓу другото, и со експерти - бидејќи менувањето на името не значи европеизација. Третата работа е формирање на две експертски групи составени од врвни домашни и странски експерти: едната за преиспитување на низата лоши уставни решенија кои создаваат застој и колизии во системот на поделба на власта, што веројатно ќе резултира со покренување на уставна реформа. Втората група ќе треба да ги оцени основите за правна ништовност на Преспанскиот договор, нешто што врвни професори по меѓународно право од САД, веќе го воочија, вели професорката Сиљанопвска, одговорајќи на прашањето кои се првите работи кои ќе ги направи ако подеби да изборите.

Таа вели дека ниту со оваа влада, ниту пак со некоја идна има намера да прави компримиси во однос на уставните овластувања и националните интереси.

ас очекувам во дел од мојот петгодишен мандат да практикувам кохабитација со влада која е глува дури и пред гласот на народот (видовме што се случи после 30 септември) и слепа пред словото на уставот (гледаме веќе две години), и затоа ќе морам да бидам многу гласна, проактивна и да ги користам сите средства за предупредување, алармирање на јавноста, па и на надлежните институции, вели Гордана Сиљановска Давкова, кандидат за претседател во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Како го оценувате почетокот на предизборната кампања, што очекувате до крајот?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Иако официјалната кампања тукушто започна и рано е да се даде целосна оценка, сепак од она што беше предкампања (дозволено согласно упатствата на ДИК) можам да заклучам дека македонската политичка култура тешко се менува. Единствена (релативна) новина се информатичките можности кои ги нуди ова време: неформалната кампања преку социјалните медиуми. Ако денот по утрото се познава, тогаш очекувам ad hominem нападите да продолжат. Тоа претежно се прави перфидно, со активностите на т.н. „ботови“ на социјалните мрежи, но нивните акции, за жал, ги прифатија дури и некои мои видни колешки и колеги кои под претекст на бранење јавен интерес почнаа со лична дискредитација на моето семејство. На тоа се надоврзаа и дел од медиумите, што зборува за енормно високо ниво на контаминација на јавниот дискурс во земјава. 

Ако на веднаш по мојата појава на јавна сцена се поставија прашањата за мојот изглед, возраста, каков научник сум и колку трудови со „фактор на влијание“ имам објавено и слично, следуваа ниски атаци на семејството и доведување под прашање на мојата успешност како родител. Веројатно некои (дури и познавајќи ме лично) очекуваа дека тука сум најранлива, емотивна и кршлива. Но, за среќа, имам возрасни деца и сопруг, а сите тие заедно ми даваат голема поддршка да не потклекнам пред валканата и недолична кампања. Оваа епизода (за која не знам дали ќе се претвори во серијал, како што некои се закануваат) сепак повеќе зборува за општеството и за моите противници отколку за мене: испливаа на површина и стереотипите, и ниската култура, и пизмата, и паднаа маските на личности што многу сум ги почитувала. 

Инаку, што се однесува до официјалната кампања во мојот камп се борев за компромис помеѓу замислата и традицијата на најголемата партија која застана зад мојата кандидатура и мојата граѓанска визија. Јас сум скромна жена, досега никогаш не сум сакала голем публицитет (па дури и не сум била како некои кои шетаат од ТВ студио во ТВ студио, како експерти за сѐ, па ми замеруваат дека не сум се изјаснила за сите случувања во изминатиот период). Не мислам дека кампањите треба да бидат нападни и скапи, особено во сиромашна земја. Еве, ќе ви кажам искрено дека со дел од мојот тим имам препирки околу гардеробата: додека некоја друга жена можеби пред почетокот на кампањата ќе појдеше до Париз или некој друг монденски град да купува нова и елегантна облека, јас не ни помислив на тоа. Не е популизам ако човек/жена остане тој/таа што е. Јас се одлучив за скромност и во овој дел. Не верувам во тоа дека 20-дневна кампања битно ќе го промени политичкиот светоглед на граѓаните, но сепак треба да се искористи за директни комуникации и разговор. 

Верувам дека ТВ дуелите што ќе ги имам со колегите, противкандидати, ќе ѝ покажат на јавноста најдобро што имаме да понудиме, колку сме аргументирани и елоквентни, колку сме убедливи во она што го ветуваме. Ме очекува напорен период, период во кој ќе се соочам со нови предизвици (како, на пример, држење говори на отворено наместо предавања во амфитеатар), но реакциите на граѓаните ме охрабруваат многу и ми даваат сила. 

ПРЕС24: Што Гордана Сиљановска Давкова ја разликува од останатите претседателски кандидати?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Во контекст на претходното прашање, се чини, она што ме разликува најмногу е што сум жена. Јас тој факт не би го истакнувала да не беше бранот напади токму по таа основа, што зборува за мизогинија и тоа токму кај оној дел од општеството што се претставува како прогресивен и либерален. Принципиелно гледано, сите тројца споделуваме слични квалитети и искуства: сите сме професори и сите располагаме со некакво, поголемо или помало искуство од вршење јавни и државни функции. Она што мене ме издвојува и разликува од колегите е мојата посветеност кон правото и правдата. Не само што сум професор по уставно право и политички системи, туку и во сиот мој јавен и стручен ангажман сум била посветена на принципите на почитување на правото и стремеж кон постигнување на правда, не само во правосудната област, туку и пошироко - остварување на социјална правда, правда за различните општествени групи, женска еманципација, посебна заштита на ранливите групи, итн. Од она што го застапува оваа влада, а и Пендаровски како нејзин функционер и гласноговорник, можам да заклучам дека се протежира политика над правото, политика која не почитува ни устав ни закон, ами оживотворува самоволие. Тоа се виде особено минатата година, но и секојдневно нѐ потсетуваат дека тие господарат со правото, а не тоа со нив. Јас ги држам тие „тврди“ позиции дека повисоката цел (која и да е) не ги оправдува средствата кои значат кршење на темелните вредности на уставниот поредок. Ме прашуваат како ќе сум се заколнела пред изменетиот Устав, и иако имам одговор на тоа прашање, сепак ценам дека е цинично такво прашање да ми поставуваат луѓе кои го згазија уставот и уште ја убедуваат јавноста дека е тоа демократија и европски стандард! Јас не сум приврзаник на мислата на Тукидид дека „моќните прават што сакаат, а слабите го трпат она што мораат“. Впрочем, и дел од мојата јавна кампања се води и под мотото за Правда за Македонија (колку и да е мала и слаба), но и под мотото дека борбата продолжува без оглед на препреките.     

ПРЕС24: Зошто „Правда за Македонија“ и како мислите да го исполните овој слоган ако станете Претседател?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Најнапред со тоа што, за разлика од другите актуелни носители на власта, ќе инсистирам на почитување на националното и меѓународното право. Не само што ќе се држам до тие принципи во моето работење, туку и ќе бидам контролор, контратежа на законодавната и втората извршна власт (владата). Всушност, слоганот јас го разбирам во две димензии: правда ВО Македонија и правда ЗА државата Македонија. Првото претпоставува да бидам глас на совеста и глас на граѓаните секогаш кога другите власти вршат самоволие или застранување, или кога се оглушуваат од барањата на народот и одделните групи во општеството. Втората димензија се однесува на борбата за враќање на дигнитетот на државата Македонија во меѓународните односи, инсистирање на суверената еднаквост и немешањето во внатрешните односи. Тоа се принципите на Повелбата на ОН, но и на другите фундаментални меѓународни пактови и конвенции, кои во моментов како да важат за секоја држава, освен за Македонија.  

ПРЕС24: На што прво ќе се фокусирате, ако станете Претседателка?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Свесна сум дека националната фрустрација е висока и дека мнозина очекуваат брзи решенија и враќање на нештата во првобитната состојба, барем кога станува збор за името. Јас сум можеби водена од идеалите на правото и правдата, бидејќи без нив нема ни прогрес, но сум чесна и разумна. Затоа велам: дајте ми доверба за да ги отворам процесите, кои ќе созреат и кулминираат за време на мојот мандат! Се разбира, првата работа ќе биде создавање на мал и високо компетентен претседателски кабинет, формиран на транспарентен начин, со инклузивност не само на најдобрите со различна етничка припадност, но и со опфаќање на претставници на другите маргинализирани групи. Втората работа што ја планирам е активно вклучување во започнатите процеси на зачленување во НАТО и увид во интеграцијата во ЕУ, каде ќе сакам да помогнам, меѓу другото, и со експерти - бидејќи менувањето на името не значи европеизација. Третата работа е формирање на две експертски групи составени од врвни домашни и странски експерти: едната за преиспитување на низата лоши уставни решенија кои создаваат застој и колизии во системот на поделба на власта, што веројатно ќе резултира со покренување на уставна реформа. Втората група ќе треба да ги оцени основите за правна ништовност на Преспанскиот договор, нешто што врвни професори по меѓународно право од САД, веќе го воочија. Мислам дека македонскиот народ ја заслужува вистината, но и правдата. Се разбира, ќе водам внимание за сите мои надлежности, но ова се некои приоритетни точки од кои ќе треба да го започнам мандатот.

ПРЕС24: Најавувате иницијативи за промена на Уставот, што тоа значи?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Како професор по уставно право речиси 30 години го проучувам функционирањето на нашиот уставен систем, неговите слабости и недоречености, но и компаративните искуства од развиените парламентарни демократии. И во мојата Програма нагласив дека идејата не е менување на парламентарниот модел во насока на јакнење на овластувањата на Претседателот на Републиката, туку обратно - отстранување на реликтите од комунистичкиот, собранискиот систем кои создаваат хибриден и неконзистентен уставен систем. Само за оваа работа би можела да ви зборувам со денови, но и јавноста знае дел од проблемите особено на релација Претседател - Влада и Претседател - Собрание. После 30 години, крајно време е врвните конституционалисти да направат пресек на функционирањето на уставот и отстранување на слабостите кои водат до деформација на парламентаризмот, но и кои не нудат доволна заштита на човековите права. Освен тоа, приближувањето кон ЕУ, по дифолт, значи и ревизија на Уставот. Некој треба да го иницира ова, а се разбира професор по уставно право знае и како да ја координира оваа работа.

ПРЕС24: Во предизборната трка влегувате со дијаметрално различни ставови за клучни прашања со кандидатот на СДСМ. Ако победите, како ќе ја градите кохабитацијата со власта и дали верувате дека такво нешто е можно?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Се разбира, јас сум опозициски кандидат, а да се биде опозиција на заевизмот е тоа што е наша примарна мисија. Дури и по прашањата за кои декларативно се сложуваме, јас и Пендаровски стоиме на спротивставени позиции. Еве, земете го прашањето на европската интеграција. Она што тие го зборуваат, па порекуваат и спроведуваат се три различни работи. Во ЕУ не се влегува со мајтапење со демократските институции, со лажни ветувања, без реформи ами со национален инженеринг. Обично велам дека кохабитацијата сама по себе не е лоша работа; напротив, тоа е практикување на системот на спреги и кочници, checks and balances во извршната власт. Во нормална ситуација владата и претседателот може да стојат на различни политички, па и идеолошки позиции, но државниот интерес би ги спојувал и би претставувал заедничка платформа за секоја политика и договор. Но, јас очекувам во дел од мојот петгодишен мандат да практикувам кохабитација со влада која е глува дури и пред гласот на народот (видовме што се случи после 30 септември) и слепа пред словото на уставот (гледаме веќе две години), и затоа ќе морам да бидам многу гласна, проактивна и да ги користам сите средства за предупредување, алармирање на јавноста, па и на надлежните институции. Посебно ќе ги практикувам моите овластувања во надворешната политика, и конкретно дипломатијата. Не можеме да дозволиме заевизмот да биде нашето лице пред светската јавност. Ако во текот на мојот мандат дојде до промена на владата, ќе продолжам да бидам буден претседател кој ќе биде конструктивен, но и критичен секогаш кога за тоа ќе постојат правни и политички причини.  

ПРЕС24: За кои точки нема да правите компромис со оваа власт, но и со некоја идна влада?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Веќе реков дека компромис нема во однос на уставните овластувања и националните интереси. Се плашам дека моменталната ситуација е таква што фундаменталните разидувања со владата ќе бидат токму по прашањето КАКО да се остварат националните интереси, односно како да не се распродаде сѐ што е од витална важност за Македонија. Направена е огромна штета, но јас ќе се борам за нејзино санирање со надеж дека ќе имам висок легитимитет (добиен од граѓаните), а веројатно и влада која ќе биде одговорна пред уставот и уставните вредности. Мојата визија за претседателската функција е таа на гласен претседател, кој ќе се обраќа често и кон јавноста и кон собранието, но и кон Уставниот суд, медиумите, итн. Реков дека иако сум жена, немам намера да бидам нечиј декор, ами ќе бидам (метафорички речено) кактус, кој ќе опоменува - без оглед кој ја сочинува владата. 

ПРЕС24: По ова искуство со политички ангажман, ако Ве прашам што е разликата меѓу политиколог и политичар во реална македонска состојба, што би одговориле?

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА: Да ве потсетам, јас имам кусо искуство како министер во една дамнешна влада - и тоа лошо искуство ме натера да ја видам разликата помеѓу теоријата и практиката, помеѓу нормативното и стварното. Затоа и се повлеков во академската сфера без амбиции за политичка кариера. Сега одлучив да се вратам, претендирајќи за функција која е инокосна, која ја остварува една личност во рамки на устав и закон, и која дава поголема независност и можност за вршење контрола. Свесна сум дека во земја во која нештата се сосема извртени наопаку, ова нема да биде ни малку лесна задача. Свесна сум дека ќе се соочам со судирот помеѓу желбите, очекувањата на јавноста и реалните (и уставните) можности - но, без идеали и утопија, дури и во очајни времиња, нема прогрес. Ќе се обидам да го задржам тој утописки дел од мојата личност и чувството на конституционалистот во мене - зошто ако потклекнеме пред ваквата политика, ќе ни нема спас. Ќе бидам реална, ќе се борам за невозможното!

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.04.2019 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега