Љупчо Ристовски: Потребен е мораториум на сите политички одлуки до избори следната година
Универзитетскиот професор, Љупчо Ристовски смета дека за Македонија најдобро решение за излез од политичката криза е мораториум на сите политички процеси до претседателските избори следната година, со кои заедно треба да се одржат и вонредни парламентарни избори.
-Замрзнување на процесот до новото оцртување на политичката карта на избори, потоа ресетирање на целиот процес на спогодување со Грција и внесување на нова антивирусна програма која ќе ги елиминира вирусите од болното ткиво на Спогодбата и самиот процес, и во нови видоизменети геополитики во регионот, иницирани и поттикнати од новата доктрина на македонската надворешна политика “Countervail Alliance” од страна на новата идна власт во Македонија, се е можно, вели во интервју за Прес 24, професорот Љупчо Ристовски.
-А во случај и покрај сите отпори од македонскиот блок, процесот се успее да се доведе докрај, ќе мора да се премине на фаза на брзопотезно престројување на полето на македонско национално единство, ќе биде потребно формирање на нов Македонски национален стратегиски совет, во партнерство со најеминентните Македонци од дијаспората и од дома, кои би работеле на развивање на нова стратегија за пресретнување на последиците од антологијата на глупоста која сегашните власти бескрупулозно ја егзекутираат, потенцира во интервјуто Ристовски.
Според него лидерството на ВМРО-ДПМНЕ повторно колебливо и неумешно се справува со ситуацијата и бледо се обидува да ја одглуми Панорама 1, кога претходниот лидер претседател на партијата успеа да се ослободи од Љубчо Георгиевски и со него да го исчисти раководството на партијата од клучните криминогени играчи.
-Но, во овој втор филм Панорама 2, во режија на истите играчи од претходниот случај, се одглуми дека само една група кои прифатија да постанат жртвено јагне се повлекуваат од раководството на партијата, а притоа сериозна група на криминогени лица од претходното раководство, кои се со сериозни обвинувања од СЈО и имаат сериозен криминоген багаж со себеси, останува да влијае на политиките на партијата и понатаму. Оттука довербата на јавноста во ваквите процеси е сериозно мала а сомневањата во искреноста сериозно голема, вели Љупчо Ристовски, Универзитетски професор во интервју за Прес24.
ПРЕС24: Собраниската процедура за уставните измени почна. Власта го има потребното мнозинство за амандманите. Се спомнуваа притисоци врз оние осум пратеници, тие демантираат, паралелно ќе тече и процесот за национално помирување што го предложи премиерот Зоран Заев. Како очекувате да се развиваат состојбите?
РИСТОВСКИ: Ситуацијата се усложнува и неизвесноста ќе има пролонгиран карактер. Иако на изглед постои опасноста се да се заврши како и претходниот пат кога се дозволи двотретинско мнозинство (иако и тоа е проблематично од законодавно правен аспект поради различните толкувања за мнозинство од плус еден), мојата проценка е дека самиот процес на усогласување на текстот на амандманската интервенција во Уставот е вртлог, во кој ќе се привлечат екстремните аспирации на албанскиот фактор во државата, можеби на едниот од соседите, а со тоа и судирот на интереси и влијанија ќе предизвика одреден застој во процесот. Притисокот на јавноста е огромен, двете доминантни партии, таа од власта – СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ немаат слух за пораките од македонската нација, така што искрено не очекувам дека процесот ќе продолжи по тракторијата по која е замислено да чекори. Очекувам застој и постепено повлекување на брановите од цунамито кое пројави претензија да ја повлече и нацијата во вртлогот на пропаста.
ПРЕС24: Осумтемина пратеници на опозицијата предложија иницијатива за дополнителни амандмани, власта вели дека тие се прифатливи. Дали на денот на гласањето на амандманите е можно и други пратеници од опозицијата да се приклучат кон мнозинството?
РИСТОВСКИ: Чинот на приклонување на осумтемина опозициски пратеници да гласаат за отворање на процесот за Уставни измени, е класичен чин на предавство, независно од причините кои доведоа до таквиот чин. Тие се повеќеструки, но осново извираат од колебливиот, Потиј пилатовски став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во пред рефередумскиот период, како и за време и по референдумот. Позицијата на колебливост е знак на слабост на јавна сцена и оттука се остави простор за притисоци и врз нив, но и врз пратениците кои гравитираа околу нив. Исто така, самиот чин на присуство на собраниската седница, после бројните јавни изјави на Мицковски дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа промена на Уставот со цел промена на името на државата е во основа неконзистентен со најавите. Тоа беше втората критичка точка која дозволи пратениците да се внесат во зона на дострел на “огнените стрели“ од противникот кои имаа за цел да поткупат, уценат, да им се заканат и ги придобијат под присила да го дадат гласот. Тој чин на предавство, за мене е филигрански изведено предавство на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ на нацијата, во заедничка режија со вазалскиот СДСМ и извршителот на меѓународниот мобинг врз Македонија и врз Македонската нација.
Оттука, искрено не очекувам и други пратеници да се приклучат кон гласањето на финалниот текст на Нацрт амандманите, напротив очекувам овие осуммина да се повлечат од предавството и да ја прекинат агонијата и стресот врз нацијата. Време е да го послушаат гласот на народот и да се усогласат со истиот, дури и по цена на сопствено жртвување.
ПРЕС24: Вие сте еден од оние кои сметаат дека договорот со Грција е штетен и дека ова што се прави е спротивно на вољата на граѓаните. Сепак, како мислите дека ќе постапува следната власт која би била во Македонија. Таа веројатно ќе ја има улогата да го спроведува овој процес, кој според договорот ќе трае неколку години... Мислите дека сегашното раководство на ВМРО ДПМНЕ, кога хипотетички би станало власт во Македонија ќе може да се спротивстави и да одбие да го реализира во целост договорот?
РИСТОВСКИ: Секоја идна власт ќе мора да пронајде начини како да ги минимизира штетите кои сегашнава вазалска гарнитура на власт ги прави. Во случај да не се успее со процесот на Уставни промени, или во случај да не се доврши ратификацијата на спогодбата во Грчкиот парламент, начини за “што потоа“ има безброј. Умешна надворешна политика ќе мора да воведе нова доктрина на надворешната политика “Countervail Alliance” која во политичките науки и политичката емпирија се докажала за успешна. Деталите околу ваквиот модел и пристап во друга прилика.
А во случај и покрај сите отпори од македонскиот блок, процесот се успее да се доведе докрај, ќе мора да се премине на фаза на брзопотезно престројување на полето на македонско национално единство, ќе биде потребно формирање на нов Македонски национален стратегиски совет, во партнерство со најеминентните Македонци од дијаспората и од дома, кои би работеле на развивање на нова стратегија за пресретнување на последиците од антологијата на глупоста која сегашните власти бескрупулозно ја егзекутираат.
ПРЕС24: Овие случувања на политичката сцена донесоа голем потрес во самата опозиција. Дали постапките на претседателот на ВМРО ДПМНЕ за масовни исклучувања од партијата е очаен обид да воспостави контрола во партијата, и колку таа политика на продлабочување на поделбите е добра?
РИСТОВСКИ: Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ повторно колебливо и неумешно се справува со ситуацијата. Бледо се обидува да ја одглуми Панорама 1, кога претходниот лидер претседател на партијата успеа да се ослободи од Љубчо Георгиевски и со него да го исчисти раководството на партијата од клучните криминогени играчи. Но, во овој втор филм Панорама 2, во режија на истите играчи од претходниот случај, се одглуми дека само една група кои прифатија да постанат жртвено јагне се повлекуваат од раководството на партијата, а притоа сериозна група на криминогени лица од претходното раководство, кои се со сериозни обвинувања од СЈО и имаат сериозен криминоген багаж со себеси, останува да влијае на политиките на партијата и понатаму. Оттука довербата на јавноста во ваквите процеси е сериозно мала а сомневањата во искреноста сериозно голема. Малигното ткиво се чисти целосно, за да нема малигни клетки кои ќе се преумножуваат во ткивото. Тоа е моделот кој влева доверба. Или ќе исчистите се што е под истрага на СЈО (секако додека се докаже спротивното) и додека судско обвинителските постапки траат вие не смеете да ја инкриминирате партијата и од почит спрема неа, ќе се повлечете од сите партиски и политички позиции (вклучително и пратеничките). Половични процеси оставаат неискрен впечаток и ја втурнуваат партијата во уште потурбулентни води.
ПРЕС24: Можен ли е поголем раскол во ВМРО ДПМНЕ. Осумте пратеници веќе формираа пратеничка група?
РИСТОВСКИ: Во оваа фаза тешко е да се проценува како понатаму ќе се одвиваат процесите. Моите очекувања се во правец да лидерството на ВМРО-ДПМНЕ ја смени радикално политиката, да се договори со сите првенци на партијата кои се бреме за поврат на авторитетот во јавноста во периодот кој доаѓа и за изборите кои наскоро ќе мора да следат, да се повлечат од позициите, јавно да се извинат на нацијата за сите неправди кои и ги нанесоа во сиве овие изминати години и во дух на покајание да се обидат да влејат одново доверба кај нацијата. Во овој момент тие се длабоко во живата кал, од која не се гледа внатрешна сила која може да ги извлече, немаат ниту стратегија како да го пребродат ова тонење, ниту идеја како понатаму. Ако во изминативе скоро две години не успеаја да им парираат на вазалските властодржци од СДСМ, со истиот тим, со истите навики и рутини во раководење на процесите, нема големи изгледи за политички пресврт на сцената во нивна режија.
ПРЕС24: Но, не е само внатрешниот проблем со кој ВМРО ДПМНЕ сега се соочува. Можеби многу посериозен е проблемот со политичката реторика на опозицијата. Декларативните заложби за про-западна ориентација, членство во НАТО и ЕУ, не се доволно убедливи за стратешките партнери на државата, барем по зборовите на двајца високи американски политичари – Мичел и Палмер?
РИСТОВСКИ: Надворешно политичката ориентација на ВМРО-ДПМНЕ е важно прашање. Во изминатиот период, претходното раководство пројавување сериозна колебливост во стратегиските ориентации и поддржуваа на сцена контроверзни стратегиски ориентации кон исток и Путиновата Русија. Мицковски се обидува да наметне поинаква ориентација, но носи преголемо бреме на урнисана доверба на меѓународната заедница поради претходното искуство со нив. Притисокот на меѓународната заедница поврзано со Уставните промени и Спогодбата со Грција е непримерен класичен мобинг на меѓународна сцена и е употреба на непримерена сила од позиција на моќ, која им ја дава меѓународниот распоред на сили во моментов. Сосема легитимна е определбата да бидете про НАТО и про ЕУ, а да не ја прифатите понижувачката спогодба со Грција и да бидете против промена на Уставот, оти секое насилно и под притисок отстапување од своето достоинство како нација ја содржи правдата во себе, како дел од вистината. Но, доколку достоинството си го дадете со своја согласност, со јасно изразена волја како држава и нација, тогаш ви нема спас. Пропаста е на прагот. Се што насилно се одзема на било која нација, има шанса и да се поврати. Но, она кое е доброволно дадено или поклонето нема никогаш да се поврати. Тоа е срамот кој оваа гарнитура и го нанесува на нацијата.
Оттука, Мицковски слободно може да и се спротивставува на оваа непримерена улога која ја играат првенците кај меѓународниве извршители на мобингот врз нацијата, оти таа е игра на погрешна карта. Секое усогласување со аспирациите на нацијата заслужува почит и во историски контекст остава трага на стаменитост и доблест. Опасна е играта на Понтиј Пилат, да си ги измиете рацете од гревот и да го префрлите на нацијата, очекувајќи според вашата перцепција во теоријата на игра за рационално очекување, нацијата да донесе одлука дека сака во ЕУ и НАТО и со тоа да гласа на референдумот во значително мнозинство, цензус. Притоа, вие да објавите дека во таков случај ќе ја следите волјата на нацијата и ќе прифатите каква и да е одлуката од референдумот. Но, нацијата изненади и донесе правилна одлука. И сега, ВМРО-ДПМНЕ не се усогласи со таквата одлука, значи не си го испочитува ветеното и дозволи со своето присуство на собраниската седница од моментот на отворањето на расправа за отпочнување на уставни промени да ги изложи на притисок своите пратеници, наместо да го бојкотира присуството и ги одземе картиците за гласање на неговите пратеници, како израз на добра волја и доказ на лојалноста кон партијата и нацијата.
ПРЕС24: Дали ВМРО ДПМНЕ оди во целосна изолација, изолација во затворен круг на членство, изолација на политичката сцена во Македонија, бидејќи барем засега нема препознатлив можен албански коалиционен партер и изолација на меѓународен план?
РИСТОВСКИ: На политичката сцена допрва ќе следат изненадувања, ќе има појава на нови политички сили, нацијата во вакви периоди докажала дека знае и умее да изнедри нова морално – доблесна политичка гарнитура, црно-белата партиско политичка боенка ќе добива нов колорит. Тука е шансата на ВМРО-ДПМНЕ да се престрои и да не се гледа само себеси во големата слика, потребно е мудро лидерство кое ќе погледне малку и од повисока перспектива. Латерални решенија ќе бидат неопходни, нови престројувања исто така. Во Албанскиот политички табор имаме за прв пат, нова партија со десна ориентација. СДСМ ќе биде сериозно осакатен со вазалскиве политики во периодот кој следи. Значи, не е се така црно-бело на политичкото платно.
На меѓународен план, почнуваат изборите за Конгрес и Сенат во САД, догодина напролет има избори во Европскиот парламент, ќе има залез на кариерите на многу истурени играчи на меѓународната сцена, но кај нас дома, многумина ќе исчезнат од политиката. Така што, доправ ќе следи мобилизација на најдоброто од македонската нација, потенцијалот не е исцрпен во овие бледи ликови на голем број политиканти кои залутале во политичката игра кај нас, но и надвор во меѓународни рамки.
ПРЕС24: Како мислите во целата ситуација ќе се постави Претседателот Иванов, која е неговата улога во опој процес?
РИСТОВСКИ: Претседателот Иванов го изгуби кредибилитетот во периодот претходно. Кога ќе се доближите премногу до партиските потреби и калкулации, следи залез на вашиот авторитет во јавност. Оттука, довербата на јавноста во неговото лидерство е сериозно ниска и самата позиција која е повеќе протоколарна, и не му дава голем избор на решенија кои можат да означат некаков пресврт во ситуацијава. Вториот момент е што е пред крај на мандатот и е под закана за импичмент, секако ако овие осуммина во пакет и тоа прашање го договориле претходно со власта.
ПРЕС24: Дали со претседателските избори на пролет се можни и предвремени парламентарни?
РИСТОВСКИ: Најдоброто решение за ситуацијава е да се замрзнат сите процеси до напролет и заедно со претседателките избори да се одржат и предвремени парламентарни избори. Контроверзите кои ги предизвика Спогодбата со Грција, како и претходната Спогодба со Бугарија, чинот со исходот на референдумот, притисоците пред и потоа, мобингот и дрските закани, уцени и присила врз пратеници да гласаат принудени за отворање на процесот на Уставни промени, се се ова легитимни фактори во прилог на носење на одлука за мораториум на сите активности, замрзнување на процесот до новото оцртување на политичката карта на избори, потоа ресетирање на целиот процес на спогодување со Грција и внесување на нова антивирусна програма која ќе ги елиминира вирусите од болното ткиво на Спогодбата и самиот процес, и во нови видоизменети геополитики во регионот, иницирани и поттикнати од новата доктрина на македонската надворешна политика “Countervail Alliance” од страна на новата идна власт во Македонија, се е можно.
Нема ништо што е повеќе на дофат на вашите дланки, од невозможното!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа