Солза Грчева: Некоја наредна власт со полно право ќе ги враќа работите назад
Цензусот и масовноста ќе бидат димната завеса зад која грубо ќе се манипулира со резултатите, смета претседателката на „Глас за Македонија“ и екс пратеничка Солза Грчева и затоа оценува дека опцијата за бојкот е единствената со која ќе може да се делегитимира власта во намерата да ги спроведе уставните измени предвидени до договорот со Грција.
- Неуспехот на референдумот ќе ја делегитимира владата чија политика почива исклучиво на спогодбата со Грција. Ниту една натамошна постапка во институциите во тој правец, нема да биде легитимна. Референдумот ќе покаже дека не постои минимум национален консензус за имплементација на спогодбата. Ќе се бара оставка од владата, ќе се бараат предвремени избори. Тоа ќе биде и јасен сигнал до странските центри на моќ дека оваа работа, вака изнасилена, низ еден нецивилизиран инженеринг на една нација, не може да донесе ништо добро. Напротив, ќе доведе до уште поголеми внатрешни поделби и несигурност во регионот. Исто така, јасно ќе им биде, дека некоја наредна власт со полно право ќе ги враќа работите назад, бидејќи се прекршени меѓународното право, индивидуалните и колективните човекови права, Уставот и неброени закони и процедури, вели Солза Грчева во интервју за Прес24.
Таа очекува најголемата опозициска партија, конечно да собере сили и да донесе одлука за приклучување кон таборот на опцијата за бојкот со зел да се спречи можноста за манипулација со членството на ВМРО-ДПМНЕ.
- Опозицијата ќе мора да го каже ставот. Но, од друга страна, голем дел од нивното членство, сигурна сум дека е спремно да го бојкотира референдумот. Се плашам само од оние, а такви секогаш има, кои ќе чекаат на партиска директива. Ако е тоа бројка која претегнува на страна на “успешен“ референдум, слаба ќе биде утехата за политичката цена која неминовно ќе ја плати опозицијата, вели Грчева.
Смета дека Македонија многу наскоро ќе ја очекуваат предвремени парламентарни избори, најдоцна со претседателските следната година, за кои не ја исклучува можноста да влезе во трката за Претседател на државата.
ПРЕС24: Вие сте еден од поддржувачите на иницијативата за бојкот на претстојниот Референдум, сакам на почеток да Ве прашам, зошто мислите дека опцијата бојкот е подобар избор од опцијата ПРОТИВ?
ГРЧЕВА: Тоа е убаво објаснето во Кодексот на Венецијанската комисија, каде се вели дека ако сакате еден референдум да не успее, најдобра опција е да не се излезе на гласање. На тој начин се минимизираат опасностите од злоупотреба на гласовите, посебно кога имате сомнителен избирачки список и избирачки процес како кај нас. Впрочем препораката да се излезе масовно на референдумот, е вградена и во самата спогодба со Грција. Исто така, власта ја повикува опозицијата да излезе на гласање, без разлика како ќе гласа. Зошто? Затоа што самата масовност ќе биде злоупотребена. Тоа е дел од целиот инженеринг кој оди по прецизно сценарио. Затоа единствен избор за нас е бојкот на референдумот.
ПРЕС24: Прашањето е во насока на крајната цел, ако иницијативата Бојкотирам во основа е против договорот со Грција, тогаш крајната цел би била спречување на реализација на тој договор... Но, логиката вели дека успешен референдум со мнозинство изјаснето како ПРОТИВ ќе значи дека власта тој резултат мора да го почитува, наспроти другата опција на бојкот, за која Владата веќе најави дека ќе ја оценува како незаинтересираност на граѓаните и дека тогаш одлуката ќе ја носат институциите, Собранието?
ГРЧЕВА: Прво, да Ве коригирам. Тие спротивно на Уставот објавија таканаречен “консултативен“ референдум, токму за да не бидат обврзани да ги почитуваат резултатите. Трите опции: за, против и бојкот, се легитимни опции. Веќе објаснив дека опцијата да се излезе и гласа макар “против“, е посакувана опција за оние кои го поддржуваат референдумот. Таа најлесно се злоупотребува. Цензусот и масовноста ќе бидат димната завеса зад која грубо ќе се манипулира со резултатите. Се разбира дека Владата, било какви да се бројките на референдумот, ќе се обиде да го претстави референдумот како успешен. Но, според Устав и според Законот за референдум, само едно е успех: ако излезат повеќе од половината запишани гласачи на избирачкиот список и ако “за“ гласаат ист толкав број на гласачи. Сите ние кои ќе бојкотираме, будно ќе го следиме процесот и нема да дозволиме никакви слободни интерпретации вон цитираните закони. Сигурна сум дека референдумот ќе биде неуспешен. Впрочем и во старт не е легитимен. Неуспехот на референдумот ќе ја делегитимира владата чија политика почива исклучиво на спогодбата со Грција. Ниту една натамошна постапка во институциите во тој правец, нема да биде легитимна.
ПРЕС24: Владејачките партии веќе ја почнаа јавната пропаганда, покрај со платени реклами, активни се и на митинзи. На другата страна како да постои се уште пасивност. Најголемата опозициска партија се уште нема јасен став како ќе настапи на Референдумот, како го оценувате тоа?
ГРЧЕВА: Владата употребува цела машинерија, пропаганда и пари за да успее референдумот. За нив тоа е борба на се или ништо. Засега тоа не им оди. Митинзите се анемични и видливо непосетени. Се посега и по закани до сите оние кои јавно и јасно повикуваат на бојкот уште од денот на самото потпишување на спогодбата. Нивно оружје станува и внесување на страв: страв од војна, страв од “структури кои имаат план за распарчување на Македонија“. Тоа се небулози. Од друга страна, ја имаме најголемата опозиција која за неполн месец треба да излезе или не излезе на референдумот, а одбираат да ја “демаскираат“ владата за прашања кои не се од иманентна важност споредено со овој тектонски настан. Се создава впечаток на нерешителност во пресудни моменти. Не можете вие да берете плодови на 11-годишно владеење под плаштот на заштита на националните интереси и сега при најголемата загроза на истите, да немате јасен и цврст став. Исто така не можете да велите дека договорот е “капитулантски и штетен“, а да не се повлечете од ветувањето за референдум. Референдум за што? За таков договор? Оваа амбивалентна игра се брои во денови. Опозицијата ќе мора да го каже ставот. Но, од друга страна, голем дел од нивното членство, сигурна сум дека е спремно да го бојкотира референдумот. Се плашам само од оние, а такви секогаш има, кои ќе чекаат на партиска директива. Ако е тоа бројка која претегнува на страна на “успешен“ референдум, слаба ќе биде утехата за политичката цена која неминовно ќе ја плати опозицијата. Затоа посакувам да се охрабрат и јасно и гласно, во духот на окрупнувањето и обединувањето на кое повикуваат, да застанат на страната која не прифаќа ваков непристоен предлог. А тоа е повик за бојкот. Ништо друго. Формулации од типот “народот си знае најдобро што треба да прави“, не се повик на бојкот и ќе заведе многу доволно неинформирани луѓе.
ПРЕС24: Дали во таборот „Бојкотирам“ има стратегија како ќе се дејствува, Собранието одвои средства и за оваа опција, доколку има заинтересирани пратеници да ги користат. Што да се очекува?
ГРЧЕВА: До вистинските организатори на бојкотот, а такви има повеќе, народни пари не се стигнати, ниту ќе стигнат. Има повеќе табори “бојкотирам“ кои не се никаква предизборна коалиција, ниту една идеологија. И сите тие, вклучително и нашата партија “Глас за Македонија“ имаат сопствени стратегии за бојкот, како и предвидени заеднички настапи со повеќе од групите. Тоа ќе биде најдобрата стратегија, знаејќи дека сите пристапуваме кон свои, посебни целни групи, со политички речник и филозофија специфична за партиите/субјектите. Не сакаме да се доведеме во позиција да имаме еден “самопрогласен“лидер на движењето, бидејќи тоа не е и не може да биде така, ниту да се извинуваме за нечии политички пораки. Мислиме дека така, најмалку ќе бидеме политички злоупотребени, па ако сакате и злонамерно оштетени. Каде треба ќе бидеме заедно, и во принцип ќе ги поддржиме сите кои повикуваат на бојкот. Битно е во кусо време нашите пораки да стигнат до народот. Јас сум оптимист дека овој референдум нема да успее.
ПРЕС24: Како очекувате да се движат состојбите во државата по 30 септември, во ситуација ако Референдумот биде успешен, а како ако биде неуспешен? (успешен во смисла на толкувањата на власта)
ГРЧЕВА: Јас сум сигурна дека референдумот, онака како што предвидуваат законите, нема да биде успешен. Но, сигурна сум и во тоа дека владата која однапред се подготвува за неуспехот, ќе се обиде да го претстави како успешен. Дури и тоа да се случи, нашата борба против спроведувањето на овој историски погубен договор, нема да престане. Напротив, таа ќе стане посилна со самото оружје во нашите раце: референдумот ќе покаже дека не постои минимум национален консензус за имплементација на спогодбата. Ќе се бара оставка од владата, ќе се бараат предвремени избори. Тоа ќе биде и јасен сигнал до странските центри на моќ дека оваа работа, вака изнасилена, низ еден нецивилизиран инженеринг на една нација, не може да донесе ништо добро. Напротив, ќе доведе до уште поголеми внатрешни поделби и несигурност во регионот. Исто така, јасно ќе им биде, дека некоја наредна власт со полно право ќе ги враќа работите назад, бидејќи се прекршени меѓународното право, индивидуалните и колективните човекови права, Уставот и неброени закони и процедури. Ова решение кое го замислиле, не може ниту да се спроведе, ниту да се одржи.
ПРЕС24: Постои ли безбедносен ризик за Македонија во периодот кој следува?
ГРЧЕВА: Не, во колку не е дел од некоја нивна опција во сценариото. Од индуцирани ризици, секогаш постои опасност. Од друга страна, не гледам во Македонија расположение кај ниту една етничка заедница, за поголеми акции со кои би се штителе интересите на нивните политички елити. Тие исти партиски елити, кои ги уморија со долгогодишни празни ветувања, станаа милионери. За нив ќе се борат? Многу тешко. Заплашувањата кои доаѓаа од разни функционери, кои неодговорно се закануваа дури и со војна за што треба да одговараат, се дел од платената пропаганда. Од надвор не гледам никаков безбедносен ризик. Знаете, ова е како во црна комедија. Никој не ве сака со сопственото име, а кога ќе ви го променат, наеднаш сите ќе ве засакаат. Со други зборови, сте лежеле на буре барут цело време без да знаете, а сега ќе знаете дека истото го нема. Смешно. И да има безбедносни закани, тие нема да бидат врзани со нашето “само укинување“, ниту истото ќе ги елиминира. Напротив, како што реков, фрустриран македонски народ и уште повеќе поделен, ќе биде несреќа и опасност сама по себе. Впрочем, заканите стигнаа од соседството токму по потпишувањето на спогодбата со која практично се заложува нашиот суверенитет во рацете на соседите кои никогаш не признавале македонска нација. Дури сега станавме тотално разголени и мета на уцени.
ПРЕС24: Ако не помине договорот со Грција, тоа веројатно ќе значи конечен застој на евро-атланските интеграции и период на неизвесност на подолг рок. Дали Македонија може да го надмине тој предизвик?
ГРЧЕВА: Многу го “сакам“ овој измислен збор “евроатлантски интеграции“. Оваа кованица постои само за одредени земји на Балканот кои треба да бидат спакувани “две во едно“. Треба да сме начисто дека целиов проект се прави за брзањето на НАТО, а ЕУ не само што не брза да не прими, туку јасно кажува дека нема за неодредено и долго време. Самите имаат проблеми со своите композити, самите размислуваат за поинакво позиционирање. Навистина е патетично да очекуваме дека некој друг треба да не присвои за да ни ги решава проблемите, кои треба сами да ги решаваме. Ова е невидена немоќ, незрелост, неодговорност. Значи ќе се хибернираме или полошо, ќе се глупираме, додека некој не се смилува да не научи и да ни го држи “рачето“. И така со децении. Не треба да се дозволи ваков тип на владеење, каде единственото алиби е “чекајќи го Годо“. Впрочем, Турција колку поглавја со ЕУ отвори? Дали е еден од најважните стратешки партнери на НАТО? И сето тоа не и смета да заплови во еден вид на мека диктатура. Да не зборувам што е мета на постојани терористички напади од внатре. Што сменија внатре во Турција овие сојузи?
И втора работа е: дали овие сојузи ни дадоа гаранција дека ако се преименуваме ќе не примат во своите прегратки? Не. Ако сега се попушти, патот ќе е исполнет со уште поголеми уцени. Тоа е неприфатливо, тоа е непристојно. Се работи за принципи од кои не смее да се отстапи. Тоа се нација, идентитет, јазик, историја, култура, слобода на говор. Точка. Врз овие константи може да се разговара за сите отворени прашања.
ПРЕС24: Која би била алтернативата за државата во таква ситуација?
ГРЧЕВА: Алтернативата е јасна. Посветена работа, професија наместо партиска книшка, искоренување на корупцијата, отвореност за инвестиции, мудра енергетска политика водена од економски а не од политички интереси, сериозно образование кое е во темелот на една земја. Расчистување со погубните практики на владеење кои не донесоа до точката да си го нудиме “детето“ на пазар само за да не посвојат. Само така оправени и сериозни, можеме да правиме сериозни зафати. Мора под итно да се исцртаат линиите на нашите национални интереси зад кои ќе застанат секоја идна власт и опозиција. Тоа мора да биде точка на обединување, а не на раздор. Да се зафатиме со дипломатија која ќе го доврши процесот на признавање на името Република Македонија и замена на референцата пред Обединетите Нации. Ние го добивавме тој процес, за сега да го поништиме. Да го тргнеме проблемот со името од политички, на правен колосек. Имаме време, само треба да го искористиме. Така ќе ја подигнеме нашата политичка цена.
ПРЕС24: Очекувате ли предвремени избори веќе следната пролет?
ГРЧЕВА: Ако биде неуспешен референдумот и ако се уште се инсистира на уставните промени, ќе се бараат предвремени избори и порано. Но, секако најдоцна напролет заедно со претседателските.
ПРЕС24: Дали Солза Грчева би влегла во трката за Претседател на државата?
ГРЧЕВА: Не е исклучено. И таа опција е отворена
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа