Груевски: Тие не знаат како да ја водат економијата и општините, тие нудат празни зборови, ние работа
Се потсетивме на 173-те илјади нови отворени работни места и видливо смалената невработеност, на повеќе од 100 инвестиции, на растот на пензиите и тоа на најниските за 106 осто, на просечните за повеќе од 80 осто, на над 1 милијарда евра обезбедени за субвенции на земјоделците, повисоките плати, воведената минимална плата која потоа неколку пати растеше, повисоките социјални помошти за ранливите групи, за новите автопатишта, експресни, регионални и локални патишта, илјадниците километри водоводни и канализациски мрежи, за укинатите визи за патување низ Европа, за воведените евтини авионски летови за патувања, за бесплатните учебници, за новите универзитети и факултети финасиски достапни за сите, за успехот со огромната интернет пенетрација, за новите, реновираните и целосно опремени болници, новите и реновираните училишта, градинки, за речиси двојно зголемената просечна плата во Македонија, за градбата на гасоводите, и илјадници други проекти, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вечерашниот централен и завршен митинг пред Владата на Македонија во Скопје.
-Потоа ви ја најавивме новата ера и сите проекти кои ги предвидуваме и планираме во иднина во Македонија. Слушнавте за новите најмалку 150.000 нови работни места кои ќе бидат отворени во Македонија односно пад на невработеноста под 10 осто. За двојно намалена невработеност кај младите. За 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари. Нова ера на најниски даноци. Поголеми плати, пензии субвенции. Новата ера во која нема да има неасфалтирана и неосветлена улица, новата ера каде имаме парк во секое маало. Нова ера во која учениците од прво до петто ќе имаат бесплатен здрав оброк на училиште, со што ќе обезбедиме здрава исхрана за учениците и заштеди за семејствата. Новата ера која ќе донесе можности за граѓаните за стекнување на сопствен дом по симболична почетна цена од само 1 евро по квадратен метар на земјиштето и ќе ги укинеме и намалиме трошоците за комуналии. За отпис на долгови за вода и ѓубретарина на социјално загрозени семејства. Сакам искрено да ги прашам моите сограѓани во Република Македонија, рече Груевски.
-Само Груевски, Груевски и Груевски. Секој ден зборат за Груевски, навредуваат, манипулираат, без да кажат некоја конкретна понуда зошто да гласате за нив. Викаат гласајте против Груевски, без да кажат зошто да гласате за нив. Зошто? Затоа што се што може да направат е да фрлаат кал кон нас, да измислуваат лаги за нас и да користат само и само празни зборови. До каде отидоа во нервозата која им поминува во агресија, се виде вчера во Штип. Ги навредија луѓето дека се ,, блесави и налудничави,,. Замислете, овој човек без ронка перде и срам, направи сериозен скандал вчера, настапувајќи агресивно и со купишта навреди кон македонскиот народ, нарекувајќи ги луѓето блесави и налудничави ако не гласаат за него. Јас такви луѓе не гледам ниту познавам. И тие и вие, и цела Македонија се домаќини луѓе, паметни и разуми, честити, искрени и работници. Овие луѓе многу добро знаат што се случува. Овие луѓе ќе ја испорачаат казната на 15ти откомври и ќе му порачаат директно што мислат за сите овие навреди кон сопствената држава и сопствениот народ. Значи што видовте од нив оваа кампања? Ништо, потенцираше Груевски.
Тој додава дека видовме дека од вториот ден од кампањата почнаа со негативна кампања. Пуштаат ли пуштаат негативни спотови. Тие тоа го прават поради недостаток на конкректни проекти, во недостаток на јасна визија, сфаќајќи дека не проаѓаат нивните голи фрази од типот живот, воздух, вода, магла и слично. Свесни дека губат, свесни дека народот ги има прочитано и нема по втор пат да го прејдат.
-Многумина наши поддржувачи и пријатели ни велеа и не прашуваа зошто не пуштаме и ние негативна кампања, зошто не пуштаме спотови на телевизија со погубниот договор од Бугарија, зошто нема негативна кампања за нивниот понижувачки однос виза ви бројни национални прашања, зошто не се осврнуваме во детали за криминалите кои ги прават секојдневно со една неверојатна леснотија и потценување мислејќи дека некој ќе им прости или нема да ги разбере, катастрофалните одлуки под притисок за разни судски случаи, или за пуштање на слобода на бројни криминалци, криумчари на дрога, злосторници… Немаме негативна кампања затоа што знаеме дека сите вие, граѓаните на Македонија сето тоа го гледате и нема потреба од посебна кампања за тоа, тоа е толку јасно и негативно само по себе што нема подобра негативна кампања од секој еден поминат работен ден на оваа власт. Но ова не треба да не охрабрува, грешките што ги прават се на штета на сите граѓани и на целата држава, и мора да им се испрати порака на овие избори, за да не забегаат, и додека сеуште има време. Не смее да се пропушти оваа шанса, не смее да се потценат овие избори и мора сите заедно гордо да излеземе и да покажеме што значи Македонија и од што ков сме направени, истакна Груевски.
Тој вели и дека јасно е, денот по утрото се познава, и дека од овие луѓе ништо добро не може да се очекува за државата и граѓаните.
-Тие немаат проекти како нашите, тие немаат визија, соништа и капацитет за да го реализираат сето тоа. Не само што се неспособни за да ги остварат ветувањата кои ги даваат, туку и со нивната неспособност ги прават работите уште полоши. Тие не знаат како да ја водат економијата и општините. Единствено нешто што го знаат е како да оцрнуваат и лажат. Тие нудат празни зборови, ние нудиме РАБОТА! Тие уништуваат, ние градиме. Затоа што ние сме ВМРО, ние создаваме, ние успеваме, ние го исполнуваме она што ви го зборуваме и ветуваме! Коалицијата за подобра Македонија работи, гради, решава проблеми и унапредува, заврши Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа