Чичаковски за Радио Слободна Европа: Избирачкиот список добра основа за кредибилни избори

 

 Избирачкиот список  е во согласност со правната рамка и постојната методологија за негово водење и ажурирање, го рефлектира степенот на точност на податоците добиени од релевантните институции и сите актери вклучени во изборниот процес сметаат дека е добра основа за спроведување фер и кредибилни избори, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа претседателот на ДИК Александар Чичаковски.

Според него, до ДИК се доставени само триесеттина барања за запишување, промени или бришење во податоците на Избирачкиот список. 

- Државната изборна комисија одлуката за заклучување на Избирачкиот список ја донесе на јавна седница на која беа повикани сите медиуми, релевантните институции и акредитираните набљудувачи, Одлуката е објавена на веб страницата на ДИК, достапна е за сите граѓани. Има одредени забелешки, ги гледаме и ние од страна на одредени експерти, но јас лично сметам дека постојната состојба на Избирачкиот список ја рефлектира правната рамка и степенот на точност на податоци кои ги добивме од релевантните институции, истакнува Чичаковски.

Во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека дел од ДИК работи во интерес на партијата на власт,  Чичаковски е дециден дека изборот и именувањето на изборната администрација се вршат врз основа на утврдена методологија и податоци добиени од надлежното Министерство, за информатичко општество и администрација.

Досега, потенцира, не се пристигнати приговори и забелешки од ваков тип.

- Државната изборна комисија и за овие избори ја имплементира оваа методологија и изврши избор на членовите на избирачките одбори зашто во меѓувреме им истече мандатот, но вршеше и надополнување на членови на општински изборни комисии на кои по различна основа им престана мандатот. Целосно беа испочитувани законските одредби во овој дел. Ако има одредени забелешки во однос на пристрасност на постапувањето, тие треба да бидат документирани и доставени до ДИК за да може соодветно да постапиме, нагласува претседателот на ДИК Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. 

 

 

 

08.10.2017 - 11:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега