Спасовски: Инфраструктура по план, задоволни работници, конкурентно земјоделство
Веќе е почната битката за држава во која младите ќе ја градат сопствената среќа, рече потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски на средбата со жителите на Општина Чешиново Облешево.
- Ветивме во планот за живот дека ќе ја зголемиме минималната плата во првиоте 100 дена. Тоа и го направивме. Минималната плата е 12.000 денари и ги опфаќа сите работници на Република Македонија. Со тоа праќаме порака дека оваа Влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија сака задоволни и заштитени работници, со платени придонеси, социјално и здравствено осигурување. За поддршка на земјоделството во Македонија, ќе воведеме мерки за субвенционирање во семенскиот материјал, ќе извршиме ревизија на доделувањето на земјоделското земјиште. Најважно земјата ќе ја одземеме од тие великопоседници на ВМРО-ДПМНЕ, што ја држеа и ја даваа под закуп и ќе ја дадеме на вистинските земјоделци, истакна Спасовски.
Оцени дека овие избори се важни за почнатите промени на централно, да се заокружат и на локално ниво.
- За нас нема важни и неважни општини, нема мали и големи општини. Сите се важни и сакаме за сите граѓани да понудиме еднакви услови за живот. Без разлика дали живее во град или на село мора да има основни услови . Мора да обезбедиме и чиста вода за пиење, мора да воведеме фекални канализации, мораме да изградиме патишта, Македонија да биде држава без кал, држава каква што доликува во 21 век, порача Спасовски и побара поддршка од граѓаните за коалицијата што ја предводи СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа