Татјана Баевска Вучковиќ: Со поливалентните вакцини се помал е отпорот од родителите
Директорката на ЈЗУ, Здравствен Дом Скопје, д-р. Спец. Татјана Баевска Вучковиќ во интервју за Прес24, зборува за капацитетите на јавното здравство, екипираноста, опременоста како процес за нудење на квалитетна здравствена услуга.
Баевска Вучковиќ зборува и најзначајните проекти од јавното здравство, кои се покажаа како најефикасни.
ПРЕС24: Летниот период вообичаено се отвораат темите поврзани со топлотните бранови и годинава се активни мобилните пунктови на терен за контрола. Каква е екипираноста на тимовите за брза помош, дали во овие летни периоди може соодветно да се одговори на потребите?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Во тек и на овие летни месеци по 5ти пат Здравствен Дом Скопје ги реализира програмските активност на Министерството за здравство, бесплатни превентивни прегледи за заштита од високи температури и претстојни топлотни бранови. Целта е преку превенцијата како клуч на јавното здравје да се подигне свеста за самозаштита. Во тек на изминатите 4 лета близу 50 000 граѓани пристапиле, добиле соодветен медицински совет, промотивен материјал со препораки, мерење на крвен притисок како потенцијален ризик фактор за кардиоваскуларни заболувања. Кај 1750 откриен покачен притисок и упатени на матичен лекар, а 92 како итни со многу висок крвен притисок упатени во ургентен центар ГОБ 8ми септември. Секојдневно има по три пункта еден статичен на кеј на Вардар, другите два мобилни со предвидена динамика за која општините се информирани. Поставени се на прометни места, паркови,плоштади...за само два дена 600 граѓани ги посетиле годинешните пунктови.
ПРЕС24: Проектот „Ало докторе“ придонесе за растоварување на брзата помош. Паралелно имаше и дополнително кадровско зајакнување на службата. Колкав е сега временскиот период на чекање и дали тоа позитивно се рефлектора врз квалитетот на услугите и дали целата територија е покриена со пунктови на брзата помош? Што покажува статистиката и искуството, дали е оправдано отворањето на пунктови на брзата помош?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Согласно екипираноста службата за Итната медицинска помош, преку постојните и ново отворените пунктови е достапна спрема повиците и нивото на степен на интервенциите. Во изминатите 4 години службата има сериозно кадровско зајакнување, каде што во смена се по 11 тима наместо постојните 7 или 8. Со набавка на нови 14 санитетски возила од страна на Владата на Република Македонија се овозможува побрза и поефикасна услуга. Целта е преку доближување на услугата да се намали и времето на интервенцијата. Истото овозможено со реорганизација на работното време одговорот на интервенцијата во 2015 година се намали за 4 минути на 38, во однос на 2014 од 42 минути. Во тек на изминатите 4 години отворени се 5 нови пункта, во Драчево, Горче Петров и 3 дистални Петровец, Чучер Сандево и Глумово. Дополнително со овие пунктови се растоваруваат централните а услугата се доближува до најдисталните точки од градот каде интервенира службата.
ПРЕС24: Деновиве имаше информација за регистрирани 100.000 јавувања на линијата „Ало докторе“. Проектот стартуваше во септември 2014 година, дали тогаш очекувавте вака да биде прифатен од граѓаните? Покрај од Македонија за повици има и од странство, од македонската дијаспора. Зошто некој би барал лекарски совет од Македонија, а живее во држава во западна Европа каде има далеку поразвиен здравствен систем?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Проектот „Ало Докторе- 15123“- стартуваше во септември 2014 година каде е сместен во базата на ИМП во Букурешт. Вкупно 25 специјалисти се ангажирани и истите се 24 часа достапни за граѓаните од цела територија на Република Македонија. Проектот започна со Правилник за медицински совети и симптоматска терапија за унифициран пристап. Според статистиката до сега имаме 101 990 јавувања на линијата, а неделно во просек 1000-1500. Линијата ја користат граѓани од Македонија, но имаме јавувања и од наши граѓани кои живеат во странство. Јавувањата се со широк спектар на различна симптоматологија. Проектот претставува едноставна алатка за блиски медицински услуги во делот на совет и симптоматска терапија а истата 24 часа достапна. Очекувањата се и поголеми од планираното согласно статистиката. Од друга страна кол-центарот поврзан е со диспечерот на ИМП и според мислење на докторите повиците може да се пренасочат. Диспечерот на ИМП е за 30% растоварен преку „Ало докторе“, каде што до проектот 194 беше прв број најкористен од граѓаните.
ПРЕС24: Изминативе две години Здравствениот дом Скопје посвети сериозен пристап кон јакнење на кадровскиот потенцијал Дали сега во сите поликлиники има доволен број на специјалистички кабинети?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Во склад со потребите на заедницата, финансиските средства, простор, опрема и кадар во изминатиот период од 2012 година до сега отворени се 22 нови специјалистички кабинети, а постоечките се зајакнати со втора смена.
Целта е доближување на здравствените услуги од секундарно специјалистичко ниво спрема местото на живеење, следење на патека на пациентот од примарно, секундарно и терцијално ново со цел растоварување на терцијалното ниво.
Со преземање на 31 специјалист од приватното од приватното во јавното здравство, со можноста за обука на кадарот, набавка на нова софистицирана опрема овозможува проширување на дејностите, но и започнување на нови дијагностички процедури.
По цели 10 години во 2013 година 31 доктор на медицина се упатени на специјализации, 75 медицински лица доктори специјалисти и среден медицински кадар беа на медицински обуки за усовршување на постоечките вештини, а некои за воведување на нови дијагностички процедури и третмани.
ПРЕС24: Изминатата 2015 година во извештајот посочивте огромен број на извршени прегледи. Колку со услугите што вие ги нудите како здравствен дом успеавте да ги растоварите скопските клиники?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Во однос на опремата од 2012 година до сега е набавена нова софистицирана медицинска опрема во вкупен износ од 67.122.808 денари. Националниот систем за закажување „Мој термин“, официјално започна во септември 2013 година, а институцијата бележи пилот проект во тек на 3 месеци пред имплементацијата. Во системот важно се двете страни кои учествуваат, давателите и примателите на здравствените услуги. Со „Мој Термин“ се овозможува следење на патеката на пациентот од примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита. Во однос на статистичките податоци во 2014 година од упатените пациенти 10% биле упатени од специјалисти од секундарната специјалистичка служба на терцијално ниви, односно 90% комплетно биле обработени во „ЗД Скопје“.
Со едукациите на специјалистите, со преземање од ПЗУ во ЈЗУ, со набавка на нова современа апаратура, отворање на нови кабинети и дијагностички процедури во 2015 година од вкупно упатените пациенти, од матичен лекар, високи 94% се комплетно истретирани од специјалистичките служби, а само 6 % препратени на терцијално ниво.
Годината ја завршивме со 1 милион здравствени услуги од кои 500 илјади во специјалистичките кабинети на „ЗД Скопје“ Она кое се бележи е што во првиот квартал од годинава имаме за 15% повеќе услуги во однос на минатата. Преку статистиката на дадени услуги „ЗД Скопје“ со специјалистичките служби претставува филтер спрема терцијалното ниво и се бележи системска рационализација на ресурсите.
ПРЕС24: Во поликлиниката Јане Сандански веќе 6 месеци има компјутерска томографија. Дали таа ги дава очекуваните резултати и колкаво е времето на чекање?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Согласно подготовката на простор, едукацијана кадар и соодветна набвка, од декември 2015 година започна компјутерска томографија во Поликлиника Јане Сандански. Според извештаите од национален систем на Мој термин вкупно реализирано повеќе од 1000 снимања на нативна компјутерска томографија. Апаратот покрај тоа што го користат специјалисти од матичната установа, упатуваат и колеги од други институции во однос на искористеност на термините. Кабинетот работи во две смени со по 12 термини и ги исполнува очекуваните резултати во однос на растоварување на терциерното здравство, односно термин може да се добие во истиот ден.
ПРЕС24: Како педијатар, кој став го имате за антивакциналните кампањи?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Превенцијата е клуч на јавното здравје. Вакцинацијата е еден од наједноставните начини за заштита од одредени заразни заболувања. Вакцинацаијата е задолжителна според календар за вакцинација усогласен со СЗО, спрема вид на вакцини, дози и возраст. Секогаш е подобро да спречи отколку да се лекува. Токму тоа наједноставно се спроведува со вакцинацијата. Сведоци сме на појава на антивакцинална кампања која според она кое го следиме е со доста оскудни аргументи верзус аргументите кои ги имаме од опфатот на вакцинацијата, бројот на родители кои не ги вакцинираат децата, како и ставот, искуството и постигнувањата на експертите од областа.
ПРЕС24: Како да се врати довербата на родителите во потребата и неопходноста од вакцинирање?
БАЕВСКА ВУЧКОВИЌ: Вакцинацијата со нејзиниот висок опфат овозможува стабилен епидемиолошки статус и колективен имунитет во средините. Тоа е најголемиот доказ, аргумент кој го уживаме со процесот на вакцинација и според кој родителите треба да ги слушаат, почитуваат доктринарните ставови и сето она кое години наназад , а и се уште го одржуваме. Неодамна во месец мај СЗО организира тренинг програм на тренери каде учествувавме 5 експерти од Република Македонија од различни институции и од различни нивоа кои сме вклучени во процесот на вакцинација. Целта е да преку обуки на превентивните тимови се спроведе тренинг програм за стандардизиран пристап во однос на информација спрема родителите, подготовка на брошури за родителите, како и настап во јавноста каде експертите ќе одговорат на сите оние прашања кои родителите ги имаат. Она кое можам со задоволство да го истакнам е дека по воведување на поливалентните вакцини имаме се помалку родители кои стравуваат и успеваме и оние малкуте да ги охрабриме и да го реализираат во континуитет вакциналниот календар на своите деца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа