Милошоски: Судскиот совет зад затворени врати сака незаконски да го продолжи мандатот на Дамева
Судскиот совет со заклучок сака да менува законска норма, вели Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во својата објава на Фејсбук.
Во понеделникот во Судскиот совет се одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој се отворила расправа за противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на РСС. Имено, членот на РСС Весна Дамева на ден 5.12.2022 година избрана е за Претседател на Судскиот совет, а мандатот И завршува на 5 12.2024 година, истакна Милошоски.
„Членот 8 став (5) од Законот за Суски совет е многу јасен:
Мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател на Советот трае две години без право на повторен избор“, нагласи Милошоски.
Милошоски посочи дека дел од членовите на РСС, заедно со Дамева, сега се обидуваат на претседателката на Судскиот совет да И дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година.
„Со 9 гласа ЗА бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во РСС на 25.11.2024. Овој заклучок е спротивен на чл.8 од Законот за Суски совет, а истиот е и и без основа бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на РСС и со тоа истата не предизвикува правно дејство.
Да биде иронијата поголема, овој контраверзен записник на РСС, во кој со заклучок се предлага незаконско продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, сега не им се доставува на членовите кои гласале против. Циркус во боја. Судскиот совет наместо извор на право и судски стандарди стана создавач на неправо и политички клиентелизам. Со ваквото работење Дамева и нејзинината коалиција во РСС можат да успеат само во едно, и онаа ниска доверба од 2% да ја паднат на уште пониско ниво“, вели Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа