Јаневска: По трагедијата во Кочани нема агресија, но има постојани повици за помош

 


По трагедијата во Кочани, до Министерството за образование не се пристигнати дојави за какви било несакани појави или реакции од типот на агресии, но апели за помош има и на нив се одговара веднаш, во соработката со стручните служби.

Како што изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, трагедијата што се случи е проблем на целото општество, а процесот на заздравување ќе потрае. Во него треба да се вклучат сите, без исклучок, и наставниците и стручните служби и родителите, за да им се помогне пред се, на младите. 

-За жал, трагедијата е многу голема. Она што како институција можевме, веднаш го направивме. Уште истиот ден доставивме протоколи, упатства и препораки како треба да се постапува од психолошки аспект. Упатствата беа упатени и до наставниците и до стручните служби и до родителите. Ова е проблем на целото општество и не се однесува само на кризните подрачја, ја засега целата држава. Оттука, сите ние, со огромна одговорност треба да се вклучиме во справувањето или заздравувањето на нацијата, особено на младите кои се најзасегнати зашто се најмалку искусни и реално им треба помош и поддршка. Апелот е и до родителите и до наставниците и до стручните служби сериозно да си ја преземат активноста во секој дел од денот и на секое место каде што се наоѓаат учениците, без оглед на која возраст се, истакна Јаневска, одговорајќи на новинарски прашања пред промоцијата на дипломираните и магистрираните студенти во академската 2023/24 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. 

МОН, дополни министерката, е во постојана комуникација со Комората за психолози и Институтот за психологија, со Клиниката за психијатрија и со Црвениот крст, а голема помош добива и од УНИЦЕФ.

-Сите тие си ја вршат должноста најдобро што можат. Ова е нешто што ќе потрае и затоа сите ние, до последен, треба да се вклучиме за да им помогнеме на младите да се справат со проблемот, а притоа да ги избегнат несаканите појави - каков било тип на агресија, потенцирање на трагедијата, предолго жалење,... Продолжуваме да ја одржуваме организацијата, вклучуваме што е можно повеќе училишни психолози, но и тој број е органичен. Се спроведуваат обуки и во моментот на секоја дојава за помош, реагираме веднаш, инстантно, со поддршка на надлежните институции, подвлече Јаневска. 

28.03.2025 - 14:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега