Јаневска: Ние сме единствени - даваме бесплатни учебници на 5 јазици

 

Новиот Закон за учебници во основно и средно образование ја уредува подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта, со него ќе добиеме подобар квалитет на учебниците а тие и понатаму остануваат бесплатни.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со новиот модел, учебниците се даваат на издавачките куќи, но, на почетокот, ќе функционираат и двата модели за изготвување учебници, бидејќи постапките кои се почнати, мора да се завршат по стариот закон.

„На средба со издавачките куќи, веќе ги информиравме дека пресметката на вредноста на учебниците ќе оди по формула и тие се согласни, што значи дека максималната цена на учебникот ќе биде ограничена. На цената, се разбира, влијае тиражот, преводите и други елементи. Ние сме единствена земја која прави бесплатни учебници на 5 јазици, но ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму, само нашите деца да стекнат повеќе знаења, компетенции и вештини“, изјави министерката Јаневска.

Експертите со кои се консултираше министерството, Педагошката служба и комисијата која работеше на законот, сите се убедени дека со новиот модел ќе се избегнат грешките и ќе добиеме поквалитетни учебници, што заедно со новите програми кои ги креира Бирото за развој на образованието, ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес, објасни Јаневска.

09.01.2025 - 16:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега