Истрагата за пожарот во Кочани се интензивира: Проширен обвинителскиот тим
Поради потребата од преземање повеќе дејствија за пожарот во дискотеката во Кочани од кои дел во Основното јавно обвинителство Штип, обвинителскиот тим е проширен и е вклучен уште еден, шести јавен обвинител од штипското Oбвинителство, информираат од Јавното обвинителство.
Претходно денеска во изјава за медиумите јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој заедно со тим од петмина обвинители е во Кочани, изјави дека според првичните сознанија најверојатно пиротехничките средства го предизвикале пожарот, но нагласи дека не може ништо повеќе да каже бидејќи се врши увид на лице место.
Тројца јавни обвинители вршат увид на местото на пожарот во Кочани и ги прибираат сите потребни докази.
- Можам да гарантирам дека истрагата ќе биде навистина целосна, брза. Ќе ангажираме вештаци од сите области така што ќе ги видиме причините и ќе видиме чија е одговорноста, рече Коцевски.
Коцевски не откри колку лица досега се приведени, посочувајќи дека во текот на денот и за тоа ќе биде информирано.
- Откако Јавното обвинителство е известено формиравме тим од петмина јавни обвинители, со тоа што двајца јавнио обвинители од ОЈО Скопје, еден јавен обвинител од ОЈО Штип и двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани. Дел од обвинителитре се на терен, а другиот дел издаваат наредби за одредени процесни дејства, посочи обвинителот.
Коцевски изрази сочувство до семејствата на загинатите, до граѓаните на Кочани и до целиот македонски народ. - Се работи за голема трагедија, рече тој.
Според последните информации, во пожарот загинаа 59 лица, а повредени се 155 лица. Се работи за претежно млади лица, меѓу кои и малолетници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа